Јавното претпријатие „Лајка“ денеска одбележува пет години од своето постоење, период во кој, како што посочуваат од претпријатието, со голема посветеност и љубов кон животните е создадена институција што го покажува хуманиот потенцијал на системот.
– ЈП „Лајка“ е живо сведоштво дека и во ограничени услови – со труд, посветеност и заедничка волја може да се создаваат успеси, среќни судбини и вистински промени. Во изминативе години ја трансформиравме Лајка во институција што покажува дека системот може да биде и хуман, транспарентен и посветен на секое живо суштество, наведуваат од претпријатието.
И покрај значајниот напредок, се додава, останува уште многу работа, особено во делот на регулирањето на одговорното сопствеништво. – Без јасна и строга законска рамка, проблемот со напуштените кучиња не може трајно да се реши, затоа што секојдневно гледаме нови животни на улиците и повторно се враќаме во круг.
По повод петгодишнината, „Лајка“ ги сподели и петте симболични роденденски желби на кучето, како порака за сите граѓани – секое куче да има свој дом; Да нема повеќе гладни, болни и заборавени животни, затоа што хуманоста не е луксуз, туку обврска; Да се знае дека секој живот вреди, бидејќи нема „куче скитник“, туку само живи суштества со чувства и љубов; Да бидеме општество кое не убива, туку решава со систем што лечи, вдомува, едуцира и обединува; Да веруваме во добрината, бидејќи секое вдомено куче е доказ дека љубовта може да се најде дури и по долг престој зад решетки.
– На петтиот роденден на ЈП „Лајка“ не ни требаат подароци, ни требаат луѓе. Луѓе кои ќе вдомат, ќе дојдат, ќе прегрнат и ќе го почувствуваат пулсот на хуманоста што ја градиме заедно, порачуваат од претпријатието.