Министерот за здравство Азир Алиу денеска во гостиварскиот Центар за Јавно здравје, заедно со вработените ги анализираа за минатата и оваа година и потврди дека има подобрување на бројот на заинтересирани граѓани кои сакаат да се превенираат со вакцината за превенција од грип.
– На ниво на државата има 49.530 пријавени граѓани коишто сакаат да се вакцинираат. До вчера на ниво на држава 19.500 се веќе вакцинирани. Само во Гостивар се вакцинирани над 80 граѓани, така што трендот на подобрување за заштита од сезонскиот грип секоја година се подобрува што е позитивно и ние ќе продолжиме, како министерство, да работиме во насока на подобрување на превенција на граѓаните од сезонскиот грип, рече Алиу, кој во одделението за епидемиологија во Гостивар прими вакцина против сезонски грип
Тој кажа дека оваа година се набавени рекорден број на вакцини, 80.000 од реномираниот производител Абот и смета дека вакцините ќе се употребат во предвидениот временски рок. Тој апелираше до граѓаните да ја искористат и можноста да се пријавуваат и онлајн на vakcinacija.mk
Епидемиологот Зорица Зафировска од службата за вакцинација во гостиварскиот Центар за јавно здравје нагласи дека вакцинацијата против сезонски грип е започната, како и на ниво на целата држава.
-Кај нас во Гостивар започна од вчера и од пријавени 108 пациенти, вакциниравме 80 отсто, кои дојдоа за вакцинација. Интересот е сè поголем секоја година, што укажува на фактот дека се подига свеста на населението рече Зафировска.
Таа посочи дека станува збор за бесплатна вакцина која ги опфаќа пациентите над 65 години, бремените жени, деца од 6 месеци до пет години, здравствени работници.