Изборниот ден во првиот круг на Локалните избори 2025 започна мирно и навремено, со исклучок на неколку избирачки места кои отворија со задоцнување. ЦИВИЛ – Центар за слобода почна со мониторингот на изборниот ден во 6:30 наутро, при што најголем дел од набљудувачите на организацијата го следеа отворањето на избирачките места.
Со почеток во 7 часот наутро, ЦИВИЛ го отвори прес центарот со закажани четири термини за прес конференции во живо и интензивна комуникација со јавноста, медиумите и сите засегнати граѓанки и граѓани. Во текот на целиот ден ќе се објавуваат извештаи од теренот, како и едукативни и други видео содржини што произлегуваат од „Демократски навигатор“, проект кој претставува стратешки одговор на дезинформациите и хибридните закани, со фокус на изборниот процес 2025.
Организацијата спроведува долгорочен мониторинг во претходните три месеци, а денеска на терен се распоредени околу 60 набљудувачи со акредитација од Државната изборна комисија.
Прес конференциите ќе се емитуваат во живо на Фејсбук страната и Јутуб каналот на ЦИВИЛ, а редовни извештаи ќе се објавуваат и на веб страниците ЦИВИЛ Медиа на македонски и Дрејт на албански, додека меѓународната јавност ќе биде информирана преку веб страницата CIVIL Today на англиски. Видео обраќањата ќе бидат на македонски и албански.
Онлајн прес конференции ќе се одржат во 11:00, 14:00 и 17:00 часот. По затворањето на избирачките места, извештај и првична оценка на изборниот ден ќе има во 21:00 часот. Во меѓувреме, на медиумската платформа на ЦИВИЛ цело време ќе се објавуваат извештаи на македонски, албански и англиски јазик.
ЦИВИЛ ќе биде отворен за сите информации што доаѓаат и од други засегнати страни – невладини организации, мониторинг мисии, граѓанки и граѓани. Освен извештаите од теренот што ќе ги доставуваат набљудувачите на ЦИВИЛ, тимот на организацијата ќе биде отворен за информации и од надворешни извори, откако информациите ќе бидат подложени на стандардна проверка и верификација.
Сите медиуми се добредојдени да ги преземаат содржините на ЦИВИЛ со молба да се наведе изворот. ЦИВИЛ ќе отвори и Зум линк за видео комуникација со медиумите од 14 до 21 часот, за специјални изјави и интервјуа во периодите меѓу редовните и вонредните извештаи за јавноста.
ЦИВИЛ
Преземено: Цивил Медиа