Кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром, д-р Александар Трајановски, во својата изјава за медиуми најави дека еден од неговите приоритети ќе биде целосната дигитализација на општинските услуги и зголемувањето на транспарентноста во работењето.
„Како кандидат за градоначалник на Општина Аеродром, моја цел е да воспоставиме вистинска транспарентност и отчетност во трошењето на народните пари. Граѓаните имаат право да знаат каде оди секој денар и како се носат одлуките што директно влијаат врз нивниот живот,“ изјави Трајановски.
Тој најави воведување на јавен увид во сите буџетски трошоци, како и организирање на отворени денови со градоначалникот и со членовите на Советот, каде секој граѓанин ќе може лично да постави прашање, да даде предлог или да иницира расправа за прашања од јавен интерес.
„Во исто време, ќе овозможиме дигитални алатки за вклучување на граѓаните – платформа преку која секој ќе може да поднесе предлог, да пријави проблем или да добие одговор на своето прашање,“ додаде тој.
Главен приоритет, според Трајановски, ќе биде целосната дигитализација на услугите што ги нуди општината, со поедноставени процедури, пократко време на чекање и поголема ефикасност во работењето.
„Јавно ветувам нула толеранција кон корупцијата во локалната самоуправа. Секој денар ќе биде потрошен транспарентно, законски и исклучиво во интерес на граѓаните на Аеродром,“ нагласи кандидатот.
„За Општина Аеродром што работи чесно, транспарентно и во служба на граѓаните,“ заврши Трајановски.





