Американската војска веќе два месеца испраќа воени бродови, борбени авиони, бомбардери, маринци, беспилотни летала и шпионски авиони во Карипското Море, што е најголемото распоредување на сили во регионот во последните децении. Бомбардерите со долг дострел Б-52 извршија демонстративни напади покрај брегот на Венецуела, претседателот Трамп го одобри распоредувањето на ЦИА, а кон Карибите е испратен и носачот на авиони и најголемиот воен брод во светот „УСС Џералд Форд“, наведува Би-Би-Си во освртот за случувањата во регионот.
САД тврдат дека распоредувањето на воените сили е за да се спречат венецуелски бродови и „наркотерористите“ кои превезуваат наркотици. Доналд Трамп вели дека ова е војна против трговците со дрога, наведувајќи дека еден од нападнатите бродови бил натоварен со фентанил. Но, фентанилот првенствено се произведува во Мексико, а не во Јужна Америка.
Нападите врз малите венецуелски бродови предизвикаа осуда во регионот, а експертите ја доведоа во прашање нивната легалност. Иако Вашингтон ја претставува операцијата како војна против трговијата со дрога, сите индиции се дека станува збор за кампања на заплашување насочена кон соборување од власт на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
– Ова е заради промена на режимот. Веројатно нема да нападнат, сите се надеваат дека станува збор само за заплашување, вели Кристофер Сабатини, виш соработник за Латинска Америка во тинк-тенкот Чатам Хаус.
Тој верува дека военото засилување е демонстрација на сила со намера да „внесе страв“ во венецуелската војска и кај внатрешниот круг на Мадуро за да се свртат против него.
Иако Министерството за правда на САД го обвини Мадуро за водење на наркотерористичка организација од 2020 година, што тој го негира, извештајот на ДЕА од 2025 година покажа дека 84 проценти од запленетиот кокаин во САД доаѓа од Колумбија, без да се спомене Венецуела. Исто така, Карибите не се главна поморска рута за шверц на дрога во споредба со Пацификот.
Би-Би-Си наведува дека, според јавно достапните податоци, добиени од сателитски снимки и објави на социјалните медиуми, од 23 октомври, идентификувани се 10 американски воени бродови во регионот.
Воените аналитичари сметаат дека за спречување на дрога не е потребна толку голема воена сила. Покрај воени бродови, заблежани се и напредни борбени авиони F-35, беспилотни летала MQ-9 Reaper, бомбардери B-52 и B-1, шпионски авиони P-8 Poseidon, како и хеликоптери, објавуава Би-Би-Си.





