Во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар, денеска и утре ќе се одржи 11. издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“. Годинава фестивалот ја става Холандија во фокус, а лауреат на изданието е култниот холандски фотограф и режисер Антон Корбајн, кому ќе му биде доделена награда за животно дело за неговиот придонес во музиката, филмот и фотографијата.
Свеченото отворање ќе биде со неговиот филм „Контрола“ (2007), биографска драма за фронтменот на Joy Division, Јан Кертис, снимена во црно-бела техника и препознатлива по својата емотивна и визуелна длабочина.
Покрај „Контрола“, фестивалската програма вклучува и „Бимхаус блуз“ – документарец за легендарниот џез клуб во Амстердам, анимираниот краткометражен филм „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска, како и „Македонски дневник во рими“ – проект на Види Вака посветен на домашната хип-хоп сцена.
На 1 ноември, во Јавна соба, ќе биде отворена и фотографската изложба „Географии, лица и улици“ на Ненад Георгиевски, која го поврзува урбаниот пејзаж со музичката култура.





