Со изборот на 50-те најдобри од вкупно пристигнатите 438 пријави, започнува втората фаза на натпреварот „Средношколец Милионер“ со онлајн гласање на платформата milioner.mk.
Од вкупно 438 пристигнати бизнис идеи од средношколци низ цела Македонија, избрани се топ 50 најиновативни и најперспективни бизнис идеи кои влегуваат во втората фаза на натпреварот „Средношколец Милионер“, организиран од Бреинстер Некст Колеџот и НУ Академиите за талентирани средношколци.
Во првата фаза учениците имаа можност да се пријават и да ја опишат својата идеја и нејзиниот потенцијал за решавање реален проблем. Во следната фаза кандидатите ќе ги изложат своите идеи пред јавноста, која ќе гласа за најдобрите 20 кои ќе ја продолжат битката за големата награда – еден милион денари.
-Оваа генерација средношколци не само што има идеи – тие размислуваат зрело, креативно и амбициозно. Нашата мисија е да им помогнеме да го претворат потенцијалот во реални решенија, велат од Бреинстер некст колеџ.
Како што велат организаторите, одд денеска започнува и втората фаза, во која ќе има официјално гласање за идеите на платформата milioner.mk каде што секој еден може да дознае повеќе детали за секоја од 50-те најдобри идеи и да гласа по еднаш за максимум 10 бизнис идеи предложени од амбициозните средношколци од цела Македонија. Гласањето ќе биде затворено на 16 ноември.
Најдобрите 20 идеи ќе влезат во последните две фази, во кои со поддршка од ментори ќе се подготвуваат за големото финале и борбата за освојување на 1.000.000 денари.
Целта на натпреварот „Средношколец Милионер“ е да ги поттикне младите во Македонија да размислуваат претприемнички, креативно и иновативно, да препознаваат реални проблеми во својата околина и да предлагаат одржливи решенија со потенцијал за развој во вистински бизнис.
-Кога бев средношколец, и јас имав многу идеи – но немаше каде и како да ги претворам во нешто реално. Пред 10 години кога го започнав Бреинстер, наидов токму на ваква поддршка каква што нудиме денес за оние со најдобрите идеи, односно даваме шанса каква што ни била дадена нас од луѓе кои веруваа во визијата за Бреинстер. Затоа верувам дека „Средношколец Милионер“ е многу повеќе од натпревар – тоа е шанса младите денес да направат нешто што нашата генерација немаше шанса да го направи додека учеше во средно школо. И да видат дека идејата вреди само ако се обидеш да ја спроведеш, вели Петар Ниновски, основач на Бреинстер, додавајќи дека токму ваквите иницијативи создаваат нова генерација млади луѓе кои не чекаат приликата – туку самите ја создаваат.
Преку натпреварот, Бреинстер некст колеџот и НУ Академиите за талентирани средношколци создаваат најголема платформа за младинско претприемништво во земјата, со мисија да ги подготват средношколците за идни професии и да им покажат дека идеите можат да станат реалност – со вистинска поддршка, знаење и труд.
-Натпреварот не е само трка за награда од 1.000.000 денари, туку патување на учење, развој и инспирација, кое им овозможува на младите да изградат самодоверба, лидерски способности и вистински бизнис-дух, наведуваат организаторите.





