Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, вечерва преку социјалните мрежи им се обрати на граѓаните пред завршниот митинг на коалицијата, нагласувајќи дека „секогаш е со народот“ и дека по изборите ќе продолжи да работи со иста енергија.
- „Вечерва одбрав да бидам со мојот народ, на завршниот митинг во Скопје. Добро знаете, никогаш не бегам од ништо,“ порача Ѓорѓиевски, додавајќи со доза на иронија дека „дополнителни часови по локална самоуправа ќе држи од понеделник, после победата на изборите.“
Во однос на поканата за ново телевизиско соочување со противкандидатот од Левица, Амар Мециновиќ, тој изјави дека дебата веќе се одржала и дека јавноста веќе може да направи споредба меѓу два концепта.
„Веќе се одржа дебата меѓу мене и кандидатот за градоначалник од Левица, по која станаа јасни ставовите и јасна е сликата за двајцата кандидати,“ изјави Ѓорѓиевски.
„Евидентно е ниското ниво на политичка култура, но и присутната безидејност и недостигот на планови кај кандидатот Амар Мециновиќ, што значи дека секоја следна дебата не би била натпревар и судир на концепти, туку судир меѓу концепт за Скопје, претставуван од мене и ВМРО-ДПМНЕ, и демагогија, празна реторика и отсуство на план.“
Тој нагласи дека „на Скопје му требаат решенија, не демагогија“ и дека вистинскиот судија се граѓаните.
„Сметам дека вистинскиот тест и одлука ги носат граѓаните на избори, при што целосно ја почитувам намерата и професионалноста на телевизијата која испрати покана за дебата,“ заврши Ѓорѓиевски во своето обраќање.
Поврзано:





