Колин Фарел призна дека неговиот роденден на снимањето на „Minority Report“ бил катастрофа — и тоа пред очите на Том Круз и Стивен Спилберг.
Во гостување кај Стивен Колберт, 49-годишниот ирски актер се потсети на снимањето на филмот од 2002 година, кој за него беше прв голем пробив во Холивуд. „Да бидам дел од филм со Том Круз и Стивен Спилберг беше огромно. Растев гледајќи ги нивните филмови, тие буквално ме ‘одгледаа’“, рече Фарел.
Но, неговиот роденден на сетот не поминал славно. „Молев да ми дадат слободен ден, ама ми рекоа – колата те зема во 6 наутро. Сепак, вечерта решив да славам. Штом ја изгасив светлината за да легнам, заѕвони телефонот – возачот беше пред врата“, се присети актерот.
Кога пристигнал на сетот, асистент-режисерот му рекол дека не може да се појави во таква состојба. „Ми дадоа уште пиво, што, искрено, не беше кул – затоа што две години подоцна завршив на рехабилитација,“ се пошегува Фарел.
На снимањето се обидувал да ја изговори реченицата „I’m sure you’ve all grasped the fundamental paradox of precrime methodology“ – но не успеал ниту по 46 обиди. „Том не беше баш среќен со мене“, призна тој низ смеа.
И покрај инцидентот, „Minority Report“ стана еден од најуспешните научнофантастични филмови на деценијата, со заработка од над 350 милиони долари. Критичарите уште тогаш напишаа дека Фарел е „осуден да стане ѕвезда“.
Редакција Фронтлајн
Извор: The Late Show with Stephen Colbert / PEOPLE





