Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Општина Аеродром, д-р Александар Трајановски, упати повик до граѓаните да се обединат и масовно да излезат на гласање на 2 ноември, со порака дека е време за промени и нов почеток за општината.
„Резултатите од првиот круг јасно покажаа дека во Општина Аеродром постои силно опозициско расположение. Граѓаните испратија порака дека сакаат промени, дека се уморни од застојот, ароганцијата и самоволието на локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Трајановски.
Тој порача дека сега е моментот незадоволството да се претвори во конкретна и одлучна волја за промена.
„Ги повикувам сите граѓани, без разлика на партиска припадност, да се обединиме и масовно да излеземе на гласање на 2 ноември. Да го покажеме нашето единство, нашата решеност и нашата верба во подобра иднина“, рече кандидатот на СДСМ.
Трајановски порача дека Аеродром заслужува општина која ќе се развива транспарентно и со вистински проекти насочени кон потребите на граѓаните.
„Аеродром заслужува општина која ќе се развива транспарентно, со вистински проекти, со грижа за секој жител. Поддржете ги промените кои веќе се видливи преку резултатите од првиот круг. Да направиме решителен чекор напред, за нов, современ и отворен Аеродром!“ — порача Трајановски.
 
			

 




 
 
