Анимираната научно-фантастична комедија „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски денеска има белгиска премиера на Razor Reel Flanders Film Festival во Бриж.
Фестивалот е дел од Мелиес организацијата – европска мрежа на филмски фестивали посветени на фантастичниот филм, именувана по пионерот на кинематографијата Жорж Мелиес, француски режисер кој уште на почетокот на 20 век ги постави темелите на филмската фантазија и специјалните ефекти со класични дела како „Патување на Месечината“ (1902).
Основан во 2008 година, Razor Reel е препознатлив по својата посветеност на фантастиката, хоророт, анимацијата и независниот филм, промовирајќи авторски дела што ги поместуваат границите на жанрот.
-Октомври беше многу активен за Јон Вардар: имавме десет фестивалски прикажувања, меѓу кои премиери во Тајван, Австралија, Турција, Канада, Германија, и мило ми е што ритамот не успорува ни во ноември. Наскоро ќе објавиме уште возбудливи новости, вели режисерот Гоце Цветановски.
Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.





