На локалните избори 2025, четири жени успеаја да ја добијат довербата на граѓаните и да бидат избрани за градоначалнички во своите општини – една во првиот круг и три во вториот.
Во првиот круг, единствената избрана градоначалничка беше Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ, која ќе ја води општина Кисела Вода.
Во вториот круг, втор мандат освои Соња Стаменкова во Општина Македонска Каменица, поддржана од Коалицијата „Локални избори 2025 – СДСМ“.
Градоначалнички мандат во вториот круг освоија и кандидатките на Коалицијата „Твоја Македонија – ВМРО-ДПМНЕ“ Марија Нацева во Општина Неготино и Наталија Димитриева во Општина Демир Капија.
На овие избори имаше вкупно 309 кандидати за градоначалници, од кои само 32 беа жени (10.35%). Најмногу кандидатки – три – имаше во Прилеп, додека, по две се натпреваруваа во Битола, Велес, Карпош, Кисела Вода, Неготино и Центар.
Во 16 општини и Градот Скопје имаше само по една жена кандидат. Во голем дел од општините жените воопшто не беа присутни на гласачките ливчиња.
Ова е втор резултат по бројот на жени градоначалнички, по рекордната 2017 година, кога беа избрани „дури“6 градоначалнички.
Најлоша родова распределба на градоначалничките мандати од локалните избори имаше во 1996 и 2009 година, кога не беше избрана ниту една жена на оваа функција.
На локалните избори во 2000 беше избрана првата жена градоначалничка во Македонија, откако Виолета Аларова стана градоначалничка на Општина Центар како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ. Таа ја водеше најбогатата скопска општина два мандати, до 2009 година.
Во 2005 година, на првите избори одржани по новата територијална поделба на Македонија направена со Закон за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија од 2004 година, со кој се определуваат 84 општини плус градот Скопје, избрани се вкупно три градоначалнички: Лефкија Гажоска во Крушево, кандидатка на СДСМ), Виолета Аларова во Центар од ВМРО-ДПМНЕ и Саније Садику во Осломеј од ДУИ.
На Локалните избори во 2009 година биле кандидирани само 13 жени кандидатки за градоначалници, а до целта не стигна ниту една.
Во 2013 година на изборите од 29 кандидирани кандидатки (7,6% од вкупниот број), само четири добиле градоначалничка функции: Анастасија Олумчева во Богданци од ВМРО-ДПМНЕ, нејзините сопартијки Жанета Чаушевска во Градско и Билјана Беличанец во Кисела Вода, и Теута Арифи во Тетово, како кандидатка на ДУИ.
Во 2017 година беа избрани „рекордни“ 6 градоначалнички, кога по вториот круг, бројката од 2 жени градоначалнички се зголемува за уште 4. Во Македонска Каменица победи Соња Стаменкова, во Могила Јасмина Гулевска. Мандатот во Старо Нагоричане го доби Жаклина Јовановска. Интересно е што во оваа општина нејзин противкандидат беше жена – Елена Јаќимова од ВМРО ДПМНЕ. Победа прогласи и дотогашната градоначалничка на градоначалничка на Тетово, Теута Арифи. Во градоначалничките фотелји уште по првиот круг седнаа Миликије Халими во Арачиново и Наташа Петровска во Битола.
Во 2021 година беа кандидирани 25 кандидатки за градоначалнички, најголем број во последните 30 години, а пет од нив беа кандидирани за втор мандат., а само 2 стигнаа до градоначалничката фотелја. По 73 години Град Скопје за првпат доби градоначалничка, откако независната кандидатка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, победи со скоро 55% од гласовите. Победа освојува и Жаклина Јовановска, старо-новата градоначалничка на Старо Нагоричане со 56% освоени гласови. Процентуално, по овие избори, жени ќе раководат со 2,5% од вкупно 81 македонски општини.
Нискиот процент на жени градоначалнички низ годините е очекуван, со оглед на тоа што е мал процентот на жени кандидатки во однос на нивите машки колеги. Дел од политичарките сметаат дека е неопходно да се најде правен механизам за зголемување на бројот на жени на раководни позиции и во власта и во самите партии, како и да се санкционира говорот на омраза, кој ги демотивира жените да влезат во политиката.
Северна Македонија е држава со речиси еднаков број жени и мажи како демографска категорија, но кога се во прашање локалните избори, таа статистика не е важна. Ако соодносот на машката и женската популација е близу 50-50, кај кандидатите за градоначалници тој е 92 спрема 8 отсто во корист на мажите.
Процентот помал од 10 отсто на застапеност на жените меѓу кандидатите за градоначалници е поразителен и го покажува недостигот на политичка волја за вклучување на жените во политичкиот живот.
Овој дисбаланс ги прави жените невидливи во изборите и покажува дека тие имаат само декларативно право да бидат избрани и да изберат да бидат претставени
Во извештајот на ОДИХР за последните локални избори во 2017 година една од препораките беше политичките партии и релевантните институции да преземат иницијативи за да го поттикнат учеството на жените во изборниот процес и во политичкото донесување одлуки, но со објавата на кандидатските листи сведоци сме дека освен декларативните заложби, сѐ уште немаме никаков суштински напредок во оваа област. И покрај тоа што беа направени одредени законски промени во прилог на родовата еднаквост во различни сфери и дел од партиите во својата предизборна реторика вклучија ветувања за поголема родова еднаквост, сепак, политичкото учество на жените е сѐ уште на многу незавидно ниво.
Но, повиците за намалување на јазот меѓу мажите и жените на изборите не се одразува на кандидатските листи. Кај партиските листи, поголема застапеност на жените има на листите за советници во општинските совети, но само затоа што тоа е законски предвидено со одредби во Изборниот законик кои предвидуваат дека меѓу кандидатите за советници, миниум 40 отсто треба да бидат жени. Но, ако застапеноста се оценува по процентот на жени што се поставени како носителки на листите на советници, повторно бројот на жените е помал наспрема мажите.
Драган Мишев во соработка со Тимот на ЦИВИЛ за мониторинг на хибридни закани (ЦХТМ – CIVIL Hybrid Threats Monitoring Team)





