Традиционалната добротворна модна аукција на дизајнерски облеки и накит ќе се реализира вечер со почеток од 19 часот во Скопје, информираат утрово од здружението „Конект“.
– И годинава, најпознати дизајнерки и дизајнери, како и нови надежи донираа прекрасни модни дела и парчиња накит што ќе се наддаваат на аукцијата, а истите можете да ги погледнете во каталогот, специјално подготвен за добротворната модна аукција. Донираните средства ќе бидат наменети за првиот филантропски фонд во земјава за поддршка на проверени иницијативи на граѓанските организации, се појаснува во соопштението.
Се додава дека може да се донира со донаторска влезница – 500 денари, со успешно наддавање на јавна или тивка аукција, потоа на лице место со банкарска картичка или готовина, а дополнително и преку трансакциска сметка 300000005050632 – донаторски фонд на „Конект“ – еднократно или на рати.
– Донираме за: доброволни пожарникари за заштита на шумите и урбаните заедници – Мрежа на доброволни противпожарникарски друштва, Центар за развој на деца со попреченост преку нови технологии – Отворете ги прозорците, прва позајмувачница на помагала за лица со рак – Палиум, едукативна програма за млади – градење кариера тука – ИМКА Битола. „Конект“ задржува 10% од средствата за организација, администрација и поддршка, пишува во соопштението.
Настанот го организира „Конект“ од Скопје во соработка со „Моден викенд“ – Скопје и со поддршка од Амбасадата на Франција во Скопје. Како локација е наведена „Дајмонд карат офис“ (Diamond carat office).





