Премиерот Христијан Мицкоски попладнево во Брисел ќе учествува на Самит за проширувањето на Европската Унија во организација на телевизијата Еуроњуз, кој е замислен како собир на кој високи претставници на ЕУ и на земјите кандидати за членство ќе разговараат за иднината на европската интеграција.
Станува збор за прв настан од ваков тип на кој креаторите на политики, експертите и лидерите во телевизиски пренос во живо ќе дебатираат за клучниот избор на Европа: Дали Унијата ќе се прошири и ќе се развива или ќе ризикува стагнација?
– Војната на границите на ЕУ и растечките демократски аспирации во нејзиното соседство го направија проширувањето повеќе од политика: сега тоа е стратешки императив, се наведува во најавата за настанот.

Се очекува Самитот да испита дали хоризонтот на проширување до 2030 година за земјите кандидати за членство од Западниот Балкан и од Источното партнерство е веродостоен или симболичен, како и што би значела подлабоката интеграција за демократијата, економијата и стратешката автономија на Европа.
– Дали ЕУ е подготвена да биде поголема и поразновидна во иднина? Може ли да ги исполни своите ветувања, а воедно и да ги почитува своите вредности, се додава во најавата.
Покрај Мицкоски, на Самитот е најавено и учество на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на претседателите на Молдавија, Србија и Украина, Маја Санду, Александар Вучиќ и Володимир Зеленски, на премиерите на Албанија и на Црна Гора, Еди Рама и Милојко Спајиќ, на еврокомесарката за проширување Марта Кос, како и на претседатeлот на Комитетот за надворешни работи на ЕП, Дејвид Мекалистер и на членот на овој Комитет, Марк Ботенга.
			




