Зоран Мамдани победи на градоначалничките избори во Њујорк, после месеци инспиративна кампања, полна ентузијазам, ама и конкретни мерки и информирани и издржани ставови за локалните политики кои ги нуди.
Од 1% видливост/рејтинг на почетокот на кампањата, за кратко време успеа да се вивне највисоко на њујоршкото, но и на генералното американско политичко небо.
Успесите му се должат на знаењето, ама и на јасно комуницираните решенија, на неговата отворена борба против олигарсите, против Трамп и на бескомпромисната заложба за заштита на основните човекови права на сите маргинализирани и загрозени луѓе.
Од трансродови лица и ЛГБТИК+ заедницата, преку жени, луѓе од раси поинакви од белата раса, од различни етнички и религиозни малцинства, па сѐ до Палестинците, Зоран Мамдани не заобиколи, не игнорираше, не бегаше од ниту една од угнетените, маргинализирани групи.
Напротив, тој застана во одбрана на нивната човечност, за што доби огромна поддршка. Со тоа докажа дека изигравањето поголем трампист од трампистите е непродуктивно, дека храброста да се застане во одбрана на човечкото и во напад над омразата се вистинската мобилизација која очајно ѝ е потребна на левицата. Како во САД, така и во светот.
Мамдани со гордост зборуваше за своето потекло и за неговата религиозна определба, но тоа никогаш не беше негова понуда, ниту пак главен означувач на него како личност и како политичар.
Затоа особено иритира што денес во најголем дел од македонските и медиумите под крилото на „српски свет“, осамнаа стотина наслови кои се варијација на тема „Мамдани стана првиот градоначалник муслиман на Њујорк.“
Навистина?
Тоа успеаја да го извлечат од целата негова фасцинантна кампања, безобразно и потценувачки за нашата интелигенција имитирана од тукашни политички актери?
Тоа успеаја да го извлечат од целиот негов успех да инспирира и мобилизира огромна маса њујорчани да му дадат поддршка? Да ја врати надежта не само во Њујорк, туку и насекаде низ САД, како и да покаже нов правец за водството на Демократската Партија…
Од сето ова, нашите медиуми (со чесни и ретки исклучоци) извлекоа само дека Мамдани е муслиман.
Секако, овој медиумски „заклучок“ воопшто не е наивен, ниту неписмен.
Не. Намерно се истакнува неговата религиозна определба, за да им се влее страв во коски на граѓаните тука дека „глеј бе, исламот им зачука на порта и на Американците, ќе ги исламизираат сеа, ауууу, лошо.“
И така да продолжат да создаваат хорор приказни со кои ќе ја заплашуваат јавноста, ама и ќе создаваат уште поголеми поделби меѓу нашите сограѓани.
Кога зборуваме за политичките текови и правци во кои се движи земјава, многу поголема е одговорноста на (најчесто таканаречените) новинари, отколку на самите политичари.
Ќе речев „нека им служи на чест,“ ама ја немаат.
Д. Е.





