Кандидатот за градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, остро реагираше на социјалните мрежи по објавувањето на резултатите од локалните избори. Во својата објава на Фејсбук тој ја оспори победата на својот противкандидат и обвини за, како што наведува, „нефер борба, поткуп и манипулации“.
„ВМРО-ДПМНЕ! Во Карпош не победивте! Силувавте! Карпош го украдовте! На секои избори некој мора да победи, некој да загуби. Коректно е на победникот да му се честита и да се признае поразот. Ниту признав! Ниту му честитав на новиот! Зошто? Затоа што борбата не беше витешка, туку кукавичка,“ пишува Јакимовски.
Во продолжение тој нагласува дека сите негови изборни победи од 2000 година наваму биле „кристално чисти“ и „израз на волјата на граѓаните“, а дека сега, според него, изборниот процес бил длабоко компромитиран.
„Еден глас немам уценето, купено или на некого да сум му се заканил. Победите биле чесни и израз на вољата на граѓаните. Поразот од 2017 година истата вечер го признав и му честитав на тогашниот победник Богоев, затоа што победија чесно, без далавери.“
Во објавата, Јакимовски тврди дека изборниот процес бил обременет со купување гласови, вклучување на олигарси и злоупотреба на институции:
„Се собравте цела влада, најголемите олигарси кои тежат над милијарда, со Фондот за здравство, лекари без достоинство, на платен список на олигархот. Купивте ромски гласови, купивте албански гласови во Нерези, ама таму плативте многу поскапо. Ги вклучивте сите дилери на дрога кои цел месец ги хранеа консументите на белиот прашок.“
Според него, имало и директни парични поткупи:
„За одземање на лична карта на гласачи кои би гласале за мене плаќавте педесет евра. А на оние што ќе однесат и ќе стават во кутијата гласачко ливче заокружено со број 9 и ќе вратат празно – 100 евра.“
Јакимовски ја обвини и изборната администрација за „бугарски воз“, двојни ливчиња и намерно прогласување на важечки гласови за неважечки:
„Имаше две илјади и деветстотини неважечки ливчиња! Ги прогласивте за неважечки сите ливчиња каде што јасно гласачот ја изразил својата воља дека гласа за мене!“
Тој додава дека медиумски бил целосно блокиран во вториот круг, без ниту една реклама или простор за промоција:
„Цели избори ги поминав без ќор банер или било каква реклама на порталите. Блокада од телевизиите со национална фрекфенција, освен две соочувања и едно интервју кое требаше да биде дебата.“
Во завршницата од објавата, Јакимовски вели дека резултатот е „мизерен“ и не ја отсликува вистинската волја на Карпошани:
„На една страна јас, мојот пи-ар, снимателот со телефончето, шоферот и граѓаните. А на другата страна сите вие. ‘Чесните’. И што постигнавте? Илјада и стотина мизерни ливчиња повеќе. Не ме победивте мене, туку ги надитривте граѓаните на Карпош. И нечесното ќе се памети за секогаш.“
Објавата завршува со историска паралела:
„Сосема за крај. Слично вака, вие од ВМРО-ДПМНЕ 1999 година на претседателските избори, со крадење, силување, тепање, со скршени вилици и черепи, му ја украдовте победата на Тито Петковски и го устоличивте за претседател вашиот Борис Трајковски.“





