Во интервјуто за „Во Центар“ со Васко Ефтов, универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски оцени дека популистичката и националистичка политика на ВМРО-ДПМНЕ доживеала прв сериозен удар, иако партијата формално остварила победа на локалните избори.
„Оваа популистичка, националистичка и ужасна политика на ВМРО претрпе прва лузна – нивниот пад од 140 илјади гласови е важен. Тие победија со 59 општини, но проблемот е што не знаат што да прават со тоа, освен да го трошат државниот и општинските буџети“, рече Фрчкоски.
Според него, партијата функционира како „племенска организација“ која ги брани само своите, без визија за општеството во целина. Тој предупреди дека поради авторитарните тенденции, единствената опција што ѝ останува на власта е прогон и уривање на обвинителството и судството.
„Тие ќе се насочат кон рушење на обвинителството и судството, бидејќи без тоа ‘гризењето’ не им функционира. Тоа ќе биде динамиката на прогонот – единствената политика што им останува“, додаде тој.
Фрчковски оцени дека ваквата состојба ја довела Македонија во „еутаназија“, а актуелната власт ја спореди со просрпските и орбановски структури во регионот, со „идеолошка провучичевска линија“ и целосен надворешнополитички колапс.
„Оваа структура на ВМРО е просрпска, идеолошки провучичевска. Никогаш не сме биле во ваков надворешнополитички колапс и понижување. Ние сега гласаме против правото на Палестинците, одржуваме ембарго кон Куба, и сме од најдобрите по човекови права паднати на последно место“, заклучи Фрчкоски.





