Република Северна Македонија преку структурите и органите за управување на средствата од ИПА/ИПАРД инструментот на Европската унија донесе одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата.
Ваквата Одлука следи по актуелните случувања со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
– За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на Националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција, соопшти Министерството за финансии.
Националните структури за управување на средства од ИПА/ИПАРД инструментот веќе превземаат дополнителни мерки и активности поврзани со актуелните случувања.
РС Македонија од Европската комисија уште од 2009 година го има добиено од правото за децентрализирано управување со средствата од ИПА/ИПАРД инструментот.
Од друга страна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска истакна дека „Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата на кои што сме како држава корисници.
„Напротив, нашата борба против корупцијата која што ја водиме во моментов и дополнителните проверки кои што ги правиме во самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се силно пофалени од страна на Брисел“, истакна Трипуновски.
Претходно денеска пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски, истакна дека „ИПАРД програмата е стопирана, власта молчи – илјадници земјоделци без исплата“
Ја информирам јавноста дека информациите коишто ги споделив со вас за можната суспензија на ИПАРД 3 програмата се покажаа како точни, истакна пратеникот на СДСМ Љупчо Николовски на денешната прес-конференција.





