Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците со девет гласа „за“ и ниту еден „против“ или воздржан, денеска констатираше дека предлогот на Законот за изменување и дополнување на законот за правото на заедниците кои се помалку од 20 проценти од населението во Република Македонија е прифатлив и треба да се даде на понатамошно читање пред пратениците.
Овој предлог на закон, комисијата го разгледа како матично тело, на денешната 41 седница, чиј предлагач е Владата преку Министерството за односи меѓу заедниците и министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ. Претседателот на комисијата, Љупчо Пренџов по гласањето рече дека ќе се даде на понатамошно читање во Собранието, а за известител на собраниската седница беше определена пратеничката, Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.
Пред присутните пратеници на комисијата, претставникот на предлагачот, заменик министерот за односи меѓу заедниците Неждет Мустафа кажа дека предлог законот пратениците го имаат во писмена форма во однос на именувањето на директот, заменикот и други технички формулации, за кои кажа дека се соодветни на општите законски прописи.
За овој предлог немаше расправа, а претходно беше усвоен и записникот од 40-тата седница.





