Витаминот Ц одамна има статус на „чудесен“ штит против настинките. Од пакувања шипки во зима, до лимон во чајот, генерации растеа со уверување дека дневната доза аскорбинска киселина е најдобрата одбрана од вируси. Но што навистина вели науката денес, пет децении по првите големи истражувања?
Што покажуваат студиите
Според најголемата научна анализа објавена од Cochrane Collaboration, редовното земање витамин Ц може да ја намали должината на настинката кај возрасни приближно за 8 проценти, а кај деца до околу 14 проценти, што значи дека симптомите траат малку пократко. Но она што не го прави е да ве заштити од самата инфекција. Студиите доследно покажуваат дека витамин Ц не ја намалува шансата да настинете ако го почнете да го пиете кога веќе сте се разболеле или ако го земате само повремено. Ефектот постои само ако се зема секојдневно, односно превентивно, и дури и тогаш резултатите се умерени.
Зошто не е „магичен лек“
Настинките се предизвикани од голем број вируси, најчесто риновируси. Витаминот Ц е важен антиоксиданс и поддржува нормално функционирање на имунитетот, но не може да ги блокира вирусите од влез во телото ниту пак да го запре развојот на инфекцијата откако ќе започне. Науката денес смета дека неговата улога е поддршка, а не лекување или превенција од самата настинка.
Кога може да помогне?
Редовното внесување витамин Ц може да биде корисно кај луѓе изложени на интензивен физички напор, на пример спортисти или работници на студ, каде студиите забележале значително намалување на стапката на настинки. Во секојдневни услови, пак, ефектот е мал и ограничен на побрзо закрепнување, не на спречување.
Витамин Ц е важен, но не е чудотворен. Може да помогне настинката да трае пократко и симптомите да бидат поблаги, но не е докажано средство за спречување на настинка. Науката е јасна: корисен е како дел од здрави навики, но не ја заменува хигиената, одморот и балансираната исхрана.
Извор: Cochrane Collaboration – „Vitamin C for preventing and treating the common cold“
Редакција Фронтлајн




