Поранешниот претседател на Харвард и некогашен американски министер за финансии, Лери Самерс, соопшти дека ќе се повлече од сите јавни ангажмани, откако Конгресот ги објави неговите електронски пораки со осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн, пренесува Би-Би-Си.
„Длабоко се срамам од своите постапки и ја разбирам болката што ја предизвикале. Преземам целосна одговорност за мојата погрешна одлука да продолжам да комуницирам со г-дин Епстајн.“, вели во изјава за CBS News, Самерс.
Контакт со Епстајн до ден пред неговото апсење
Документите што минатата недела ги објави Конгресот покажуваат дека Самерс комуницирал со Епстајн до ден пред неговото апсење во 2019 година за трговија со малолетни лица.
Денеска, пратениците ќе гласаат за целосно јавно објавување на сите материјали поврзани со Епстајн.
Одлуката следи по најавата на американското Министерство за правда дека ќе ја истражува поврзаноста на Епстајн со поранешниот претседател Бил Клинтон и други истакнати демократи – истрага која доаѓа по барање на актуелниот претседател Доналд Трамп.
Трамп, кој исто така се споменува во некои од мејловите, но не испратил ниту примил порака, напиша на социјалните мрежи:
„Епстајн беше демократ, и тој е проблем на демократите, не на републиканците! Не трошете време со мене. Имам земја за водeње!“
Клинтон силно негира дека знаел за криминалните активности на Епстајн.
Притисок, критики и прекин на соработки
Самерс, кој беше министер за финансии во администрацијата на Клинтон и директор на Националниот економски совет под Барак Обама, во понеделник навечер истакна дека сака да ги „обнови довербата и односите со најблиските луѓе“, додавајќи дека ќе продолжи да ги исполнува само професорските обврски на Харвард.
Либералниот тинк-тенк Center for American Progress објави дека Самерс повеќе не е поврзан со организацијата.
Интерес предизвикува и фактот дека Самерс сè уште е наведен како член на Управниот одбор на OpenAI, позиција што ја доби во 2023 година по драматичниот обид за смена на извршниот директор Сем Алтман.
Мрежа на влијание
Според документите од Комитетот за надзор, Самерс и Епстајн се среќавале на вечери и често разговарале за поврзување со светски личности. Во една порака од јули 2018, Епстајн му предлага средба со „претседателот на Обединетите нации, интересна личност за вас“.
Во друга порака, по победата на Трамп во 2016, Самерс го советува Епстајн:
„Потроши нула енергија на што било поврзано со мене и Трамп.“
Објаснувајќи дека поради конфликтите на интереси, близината до Путин и реакцијата на Трамп по смртта на Фидел Кастро, „најдобро е да биде милион милји далеку“.





