Били Ајлиш го потврди она што веќе со месеци се шушкаше – нејзиниот нов концертен документарец, снимен во 3D и ко-режиран заедно со легендарниот Џејмс Камерон, пристигнува во кино-салите на 20 март 2026 година, во издание на Paramount, пишува Hollywood Reporter.
Проектот, реализиран во партнерство со Darkroom Records, Interscope Films и Lightstorm Entertainment, ја претвора нејзината светска турнеја Hit Me Hard and Soft во големо филмско искуство.
Ајлиш ја објави веста на Instagram, споделувајќи фотографија со Камерон.
„HIT ME HARD AND SOFT: THE TOUR (LIVE IN 3D) доаѓа во кино на 20 март 2026! Ова е една од моите омилени турнеи и можноста да ја овековечам и ко-режирам овој филм со @jamescameronofficial е сон што стана реалност.“
Таа додаде дека едвај чека фановите да го видат конечниот резултат.
View this post on Instagram
Проект најавен уште ова лето
Филмот првпат беше најавен уште во текот на летната европска турнеја, за време на распродаден концерт во Манчестер. Ајлиш тогаш им откри на присутните:
„Работам на нешто многу, многу специјално со некој по име Џејмс Камерон – и ќе биде во 3D. Овие четири концерти сте дел од тоа.“
Притоа им напомена да не се чудат од големиот број камери и на шега додаде дека ќе го носи истиот аутфит четири дена по ред заради континуитет во снимањето.
Трет документарец во нејзината кариера
Ова ќе биде нов додаток во низата документарни проекти на Ајлиш. Таа претходно се појави во: Billie Eilish: The World’s a Little Blurry (2021) и Happier Than Ever: A Love Letter to Los Angeles (2021).
Овие проекти, како и новиот 3D филм, се фокусираат на уметничката трансформација на пејачката – од тинејџерски феномен до една од највлијателните артисти на денешницата.
Ајлиш ја заврши турнејата Hit Me Hard and Soft во Сан Франциско минатата недела.
Период на големи премиери и за Џејмс Камерон
Паралелно со филмот на Ајлиш, Камерон се подготвува за премиерата на Avatar: Fire and Ash, трет дел од неговиот мегасеријал, кој во кино-салите пристигнува на 19 декември 2025 година.
Неговиот влез во документарниот концертен жанр го прави проектот на Ајлиш уште поатрактивен – ретко кој режисер во Холивуд има посилен визуелен потпис од Камерон.
Редакција Фронтлајн







