Набљудувачите на српското граѓанско движење соопштија дека утринскиот дел од изборниот ден во општините Мионица, Неготин и Сечањ во Србија, бил обележан со серија сериозни неправилности, пренесува N1.
Според нивното соопштение, во Неготин била спречена таканаречена практика „бугарски воз“, благодарение на интервенција на мобилен тим на движењето. Истовремено, веднаш по отворањето на дел од избирачките места биле забележани случаи на фотографирање на гласачки ливчиња, телефонски разговори во просториите за гласање, како и снимање во насока на избирачките списоци.
Набљудувачите наведуваат и дека дел од гласачите гласале надвор од параваните, меѓу кои и првиот гласач при пополнувањето на контролното ливче. На некои избирачки места контролното ливче било ставено во гласачката кутија без присуство на првиот гласач или, пак, воопшто не било ставено. Забележани се и ситуации во кои гласачките ливчиња во кутијата биле печатирани дури по тоа што дел од гласачите веќе го оствариле своето право на глас.
Во Мионица, според Крени-Промени, била забележана напната изборна атмосфера, со групирање на луѓе околу избирачките места кои излегувале од возила без регистарски таблички, како и присуство на лица без видливи идентификации во самите гласачки простории. Дел од тие лица, како што се наведува, реагирале непријатно на обидите на набљудувачите да документираат што се случува.
Дополнително, пријавени се неправилности во проверката на идентитетот на гласачите. На повеќе локации личните карти не биле доследно проверувани, а УВ-лампите или не биле користени или биле користени погрешно. Забележан е и случај во кој двајца од тројца гласачи гласале без воопшто да покажат личен документ.
Движењето соопшти и дека имало проблеми со поставеноста на параваните, поради што гласањето можело да биде видливо, како и ситуации во кои на гласачите им било сугерирано да користат мобилни телефони зад параваните како осветлување, под изговор дека осветлувањето не функционира. Во некои избирачки места, според наводите, немало истакнато целокупен задолжителен изборен материјал, а во Неготин гласачките ливчиња не биле пребројани пред официјалното отворање на избирачкото место.
Редакција Фронтлајн







