Театар Чекори ја најавува премиерата на „Уште еден среќен ден“, инспирирана од легендарната драма „Среќни денови“ на Семјуел Бекет; апсурд кој зборува за човекот, неговата судбина и упорноста да се најде светлина дури и во најтемните денови.
Во режија на Снежана Коневски Руси, со Маја Ѓурчевска и Никола Димевски во главните улоги, претставата отвора едно поинакво видување: наместо заробена во хумка, нашата Вини е заробена во костими; сеќавања од десетици години уметничка работа, приказни што тежат, но и носат сила.
Премиерата е на 5 декември, а на 6 декември е репризата во Дом на култура ,,Димитар Влахов” во Автокоманда, Скопје.
„Овој нов, иновативен концепт ја претвора драмата во музичко-визуелна слика на убавите и грдите денови, на човечката осаменост и на упорноста да се продолжи напред. Претстава која е и нежна и силна, и тивка и гласна; токму како животот. Цитатот на Арто оживува преку нашата Вини:
„Кога живеам, не чувствувам дека живеам, но кога играм чувствувам дека постојам“, истакнуваат од Театар Чекори.








