Вокалистката Зарина Првасевда, едно од највпечатливите современи имиња на македонската етно-сцена, ќе одржи премиерен концерт под наслов „Кадифено“ на 20 декември 2025 година, со почеток во 19:30 часот во Македонската филхармонија. Настанот е најавен како интимно, мелодиско и уникатно музичко доживување кое ќе ја обедини традицијата, емоцијата и креативниот дух на неколку култури.
Првасевда вели дека токму за младите и децата – оние на кои им должиме иднина исполнета со мир, радост и квалитетни содржини – ја создава својата музика. „Ако мојата музика успее да растрепери барем едно срце, особено на јазик кој не го разбира, тогаш јас сум најсреќниот човек на светот“, истакнува таа во најавата за „Кадифено“.
Магијата на новиот концерт произлегува и од музичкото пријателство кое Првасевда го започнала со турските уметници Џенк Ердоган и Ахмет Али, со кои се запознала на меѓународниот семинар „Музичко село“ во Кападокија. Тројцата музички виртуози ќе настапат заедно во Скопје, носејќи дел од својата култура и традиција пред македонската публика. Концертот ќе понуди ретка можност за спојување на различни музички наследства, како и за ново, поинакво доживување на изворниот звук.
Првасевда додава дека нејзината врска со Филхармонијата е посебна, потсетувајќи дека токму таму го одржала својот прв солистички концерт за албумот „Ехо“ – настан што го смета за едно од најзначајните искуства во нејзиниот живот. Затоа, вели, враќањето на истата сцена со „Кадифено“ има особена емоционална тежина и радост.
Посетителите на 20 декември ќе имаат можност премиерно да уживаат во концерт кој, според најавите, нема да биде само музичка вечер, туку и едукативно, емотивно и „кадифено“ патување кое ги спојува генерациите и културите. Настан кој ветува тивка магија, силни вокали и незаборавна атмосфера во големата сала на Македонската филхармонија.
Редакција Фронтлајн





