Премиерот Христијан Мицкоски преку објава на својот официјален Фејсбук профил соопшти дека Апелациониот суд „со правосилна пресуда утврдил дека СДСМ изнесувала невистини и тешки клевети против него, без докази и без основа“.
„Апелациониот суд со правосилна пресуда утврди дека СДСМ изнесувала невистини и тешки клевети за мене, без докази и без основа“, напиша Мицкоски.
Според премиерот, со оваа одлука, по потврдената првостепена пресуда, СДСМ и формално е, како што наведува, судски утврдена како клеветничка партија.
„Со оваа одлука, по потврдената првостепена пресуда, СДСМ и формално е судски утврдена како клеветничка партија“, наведува Мицкоски во објавата.
Тој оценува дека она што со години било претставувано како политичка борба, сега е официјално констатирано како недозволено и спротивно на принципите на правната држава.
„Тоа што со години го претставуваа како ‘политичка борба’, денес е официјално констатирано како недозволено и спротивно на правната држава“, истакнува премиерот.
Во објавата, Мицкоски прави разлика меѓу, како што вели, легитимната политичка критика и клеветата.
„Политичката критика е легитимна и потребна. Клеветата и лагата не се политика, туку злоупотреба на јавниот простор“, пишува Мицкоски.
Тој додава дека Македонија треба да се движи напред со политика заснована на вистина, идеи и одговорност, а не со фабрикувани напади и дискредитации.
Премиерот наведува и дека пресудата претставува, како што вели, „жесток шамар“ и за сите кои, според него, учествувале во ширењето на гласини и кампањи против него.
„Оваа одлука за јасните клевети на СДСМ е жесток шамар и за сите нивни подизведувачи и гласноговорници“, пишува Мицкоски.
Во завршниот дел од објавата, тој оценува дека СДСМ продолжува по патот на лаги и манипулации, потценувајќи ги граѓаните.
„Тие одлучуваат да продолжат да го потценуваат сопствениот народ. Тоа не е само одлука, туку е врвно предавство на моралот и вредностите во политиката“, наведува Мицкоски.
Мицкоски се повикува на правосилната пресуда на Апелациониот суд Скопје, ГЖ-1778/24 од 20 ноември 2025 година.






