Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција изјави дека измените на Законот за странци, усвоени во септември оваа година, претставуваат „нов доказ за вистината“ за која, според неа, владејачкото мнозинство се обидува да воведе цензура.
Кузеска оцени дека неодамна усвоената Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ-ЗНАМ имала за цел да ја замолчи опозицијата и да спречи јавна дебата за прашања од висок јавен интерес.
„Немаат како да се борат со вистината за една голема тема – мигранти за пари. Затоа сакаат да воведат цензура против слободата на говорот“, изјави Кузеска.
Таа најави дека СДСМ ќе објави нови докази и порача дека граѓаните сами треба да заклучат „дали и што е договорено“.
Според Кузеска, клучен доказ се измените на Законот за странци, со кои, како што рече, значително се олеснува постапката за добивање дозвола за привремен престој и работа на странци, особено за оние ангажирани на стратешки проекти и кај стратешки партнери.
„Во измените јасно се гледа дека се воведуваат исклучоци со кои полесно се одобрува престој за странски работници на стратешки проекти, без оглед на квотите и без мислење од надлежните институции“, изјави Кузеска.
Таа се повика на членот 83 од Законот, каде, според неа, се предвидува можност за одобрување привремен престој заради работа на странци ангажирани на стратешки проекти, независно од потребите на домашниот пазар на труд. Дополнително, таа посочи дека со истиот член се предвидува Министерството за економија и труд да издава потврда за статусот „стратешки партнер“ на правниот субјект во кој работи странецот.
Кузеска истакна дека и во членот 85 се воведуваат дополнителни олеснувања.
„Со овие измени, за одобрување привремен престој заради вработување се бара само договор за работа и образложение за потребата од работното место, без останатата документација“, рече таа.
Како особено спорен дел, Кузеска го наведе и членот 90, со кој се овозможува продолжување на привремениот престој на странци ангажирани кај стратешки партнери за време на имплементацијата на проектот.
„Ако проектот трае со децении, како што е случај со големи инфраструктурни проекти, тогаш и престојот може да се продолжува со години“, изјави Кузеска.
Таа на крајот порача дека измените јасно покажуваат „за кого се донесени“ и дека токму поради тоа, според СДСМ, власта се обидува да ја замолчи јавната дебата.
„Затоа сакаат да ни забранат да го изговараме зборот“, рече Кузеска.







