Актерката Емили Блант неодамна го нарече својот колега од филмот „Oppenheimer“, Килијан Марфи, „најлошата славна личност на светот“. Иако изјавата на прв поглед звучи остро, таа всушност е голем комплимент за ирскиот актер, познат по тоа што упорно бега од светлината на славата. Многумина фанови на Марфи често се шегуваат дека тој „ја мрази славата“, а според Блант, токму тоа го прави исклучителен.
Ѕвездата на серијата „Peaky Blinders“ е присутен на сцената со децении. Професионалното деби го имал уште во 1996 година на театарските сцени, а во текот на кариерата оствари незаборавни улоги во филмови како „28 дена подоцна“, трилогијата „Темниот витез“ и, секако, како култниот Томи Шелби. И покрај огромниот успех, впечатокот е дека славата никогаш не била негов приоритет.
Пофалби за „омилениот актер“
Во интервју за емисијата „60 Minutes“, Емили Блант го нарече Марфи својот „омилен актер“ со кого некогаш работела. На прашањето дали тој знае да прифати комплимент и дали е свесен колку е добар, актерката одговори негативно.
„Не, мислам дека не. Не знам дали некој од навистина големите актери го чувствува тоа за себе или би го признал“, рече Блант.
Таа објасни дека Марфи постојано бара нови предизвици и никогаш не мирува креативно. „Имам чувство дека секогаш е во потрага, гледа зад хоризонтот и се прашува што уште може да направи, колку далеку може да оди. Што ќе ја нахрани таа креативна искра во него. Мислам дека би му било болно да признае колку е добар, и не гледам дека тоа ќе се случи“, додаде таа.
Најдобар актер, најлоша ѕвезда
Блант се согласи дека целата негова страст е насочена кон актерството, а не кон славата што доаѓа со професијата. „Тој е најлошата славна личност на светот“, рече таа, па веднаш појасни: „Тој е најдобриот актер на светот и најлошата славна личност на светот.“








































































































