Оскаровката Кејт Винслет откри дека како дете била обесхрабрена од драмски педагог, кој ѝ рекол дека ќе мора да се задоволи со „улоги за дебели девојки“ доколку сака актерска кариера.
Актерката го сподели искуството за време на гостувањето во емисијата Desert Island Discs на BBC Radio 4, пренесува Deadline. Винслет, која денес има 50 години, раскажа дека како дете била опишувана како „покрупна“, и дека коментарот длабоко ѝ се врежал во сеќавањето.
„Кога почнав посериозно да се занимавам со актерство и добив агент како дете, многу јасно се сеќавам на една наставничка по драма која ми рече: ‘Па, душо, ќе имаш кариера ако си подготвена да се задоволиш со улоги за дебели девојки’“, изјави Винслет.
„Погледнете ме сега“, додаде таа. „Застрашувачки е што сè им се кажува на децата.“
Винслет за овој настан зборуваше и претходно. Во интервју за емисијата 60 Minutes, емитувано во декември 2024 година, актерката со емоции се наврати на истиот момент, истакнувајќи дека воопшто не била дебела.
„Никогаш не бев дебела“, рече таа тогаш, објаснувајќи дека ваквите коментари кај неа создале „тивка решителност“.
„Си помислив: ‘Ќе ти покажам – тивко’“, изјави Винслет.
Актерката, позната по отвореното зборување за телесниот срам со кој се соочувала низ годините, откри дека подоцна се соочила со некои од луѓето кои ја понижувале.
„Им кажав сè. Им реков: ‘Се надевам дека ова ќе ве прогонува’. Тоа не беше само за мене, туку за сите кои биле изложени на такво ниво на малтретирање“, рече таа.
Во поново интервју за The Times, Винслет ја критикуваше и растечката популарност на лековите за слабеење, предупредувајќи на ризиците и притисокот врз младите жени.
„Некои избираат да бидат тоа што се, други прават сè за да не бидат тоа што се“, рече актерката. „Непочитувањето кон сопственото здравје е застрашувачко.“
Винслет нагласи и дека никогаш не направила козметички интервенции, додавајќи дека стареењето е дел од животот.
„Најмногу ги сакам старите раце“, изјави таа. „Тоа е животот, во твоите раце.“
Редакција Фронтлајн











































































































