Државниот завод за ревизија го објави конечниот ревизорски извештај на Буџетот на Република Северна Македонија.
Буџетскиот дефицит на ниво на Централен Буџет, според макроекономските индикатори објавени од страна на МФ за 2024 година изнесува 4,4% од БДП и е понизок во однос на 2023 година кога изнесуваше 4,8% од БДП.
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на Основен буџет на Република Северна Македонија за 2024 година во однос на планирањето, подготовката, донесувањето и извршувањето на Буџетот за 2024 година.
Приходите и расходите на Основниот буџет за 2024 година се проектирани во износ од 260.113.617 илјади денари и бележат намалување од 0,5% во однос на 2023 година, но во однос на максималните износи на одобрени средства/расходи, истите се повисоки. Дополнително, со ребалансот на Буџетот од Август и одлуката за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и фондовите од Декември 2024 година, Основниот буџет за 2024 година изнесува 265.418.639 илјади денари и во однос на 2023 година е зголемен за 1%.
Со извршената ревизија, ревизорите утврдиле дека со ребалансот на Буџетот:
– најголемо зголемување во однос на донесениот буџет за 2024 година има кај:
o расходите за субвенции и трансфери од 38% и
o тековните трансфери до вонбуџетските фондови од 17%,
– најголемо намалување е извршено кај капиталните расходи за 27%. Средствата се алоцирани/распределени за субвенции и трансфери – 3.330.018 илјади денари и за тековни трансфери до вонбуџетските фондови – 3.284.720 илјади денари.
При тоа не е земена во предвид дадената препорака од Фискалниот совет да се прекине со праксата за пренамена на капиталните средства во тековни расходи доколку истите не се реализираат на предвиденото ниво. Ова од причина што за износот на нереализираните капитални расходи би се намалил буџетскиот дефицит и би се зголемил фискалниот простор за капитални инвестиции во наредниот период.
Во однос на комплетноста на буџетските барања што буџетските корисници ги доставуваат до Министерството за финансии (МФ) при планирањето на Буџетот, утврдивме дека од анализираните буџетски барања од 31 корисник, за 16% од нив Министерството за финансии (МФ) изготвило предлог буџет поради недоставување на потребните стратешки планови.
Разликите меѓу максимално утврдените расходи од Владата, побараните средства од буџетските корисници и одобрените средства со Буџетот укажуваат на ризикот дека донесениот буџет од МФ може да не ги одразува реалните потреби на буџетските корисници за реализација на поставените цели.
Максимални износи на утврдени расходи, барани, одобрени и реализирани средства на буџетските корисници од Основен буџет за 2024 година
Најголемо отстапување меѓу максимално утврдениот износ на расходи и одобрените средства е утврдено во разделот за Владата и Бирото за регионален развој.







