Социјалдемократскиот сојуз на Македонија бара Јавното обвинителство итно да отвори предмет и да започне истрага за, како што наведуваат, скандалозниот тендер вреден 1,2 милиони евра во АД Пошта, кој бил доделен на фирма поврзана со советник од ЗНАМ.
„Јавното обвинителство не смее да молчи за криминалните тендери, туку мора да делува“, соопштуваат од СДСМ, посочувајќи дека Антикорупцискиот тим објавил конкретни наводи и докази добиени од свиркач, вработен во Пошта.
Според соопштението, постојат сериозни сомнежи за организирано испумпување јавни пари и системска кражба, при што, како што тврдат од партијата, над 300.000 евра годишно се извлекуваат преку корупциски шеми.
Како механизам за злоупотреба се наведува дека постојано недостасуваат околу 14 хигиеничари, додека други работат со половина работно време, но за сите се исплаќаат целосни суми, како да се редовно присутни и ангажирани цел ден.
„Сето ова се прикрива со потпишување лажни дневници за отсутни хигиеничари и со лажни извештаи за наводни генерални чистења кои никогаш не се реализираат“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата порачуваат дека доколку институциите не постапуваат, тоа, според нив, значи дека се штитат криминалните интереси на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
„Бараме Јавното обвинителство веднаш да отвори предмет и итно да покрене истрага. Секој што го прекршил законот мора да одговара. Работата не е завршена“, се вели во соопштението на СДСМ.







