ЈСП Скопје за време на новогодишните празници ќе има изменет режим на сообраќање на јавниот превоз, како и промени во работното време на билетарниците, центрите за персонализација и Жичницата.
Денеска јавниот превоз ќе сообраќа по редовен зимски возен ред, утре автобусите ќе сообраќаат по неделен возен ред, при што првите вклучувања на возилата на ЈСП Скопје и приватните превозници ќе бидат подоцна од вообичаеното, а останатите линии ќе се одвиваат согласно неделниот распоред. Од петок (2 јануари 2026 год) јавниот превоз ќе сообраќа по редуциран делничен зимски возен ред што ќе важи до крајот на зимскиот училиштен распуст.
Како што посочуваат од ЈСП, шесте центри за персонализација, како и билетарниците на Зелено пазарче, Бутел пазар и во Ѓорче Петров денеска ќе работат до 16 часот, додека останатите билетарници ќе работат само прва смена, до 14 часот. Утре на 1 јануари дежурни ќе бидат центарот за персонализација на Транспортен центар (од 11-17 часот) и билетарницата на Жичница (од 11-17 часот). Од петок, 2 јануари, сите билетарници и центри за персонализација продолжуваат со вообичаено работно време.
Жичницата денеска ќе работи од 10 до 15 часот, а на 1 јануари од 11 до 17 часот. Последното возење од долу кон врвот и од врвот надолу е во 16:30 часот.





