Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека Владата во изминатата година и половина ги реализирала сите зацртани цели, а во многу сегменти направила и повеќе од првично планираното, како резултат на реалните и итни состојби со кои се соочила државата.
– Немаше нешто што планиравме, што очекувавме да го направиме, а да не го направивме. Мислам дека направивме и повеќе од тоа што очекувавме, истакна Мицкоски во интервју за „Вечер.мк“.
Тој нагласи дека и по година и половина од преземањето на одговорноста, Владата се уште се соочува со непријатни изненадувања, кои во најголем дел се резултат на, како што посочи, седумгодишното неодговорно управување на СДСМ и ДУИ.
– Секој ден излегува некое ново непријатно изненадување кое е последица, би рекол, во најголем дел од седумгодишното управување со владата на СДСМ и ДУИ, но исто така има и објективни, во помал број, изненадувања кои не сум ги очекувал. Но, најголемиот број непријатни изненадувања или работи кои не сум ги очекувал се навистина од тоа време, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски додаде дека Владата работи посветено и одговорно, со цел целосна стабилизација на состојбите и надминување на наследените проблеми, притоа водејќи се исклучиво од државниот и јавниот интерес.
– Така што навистина во овие година и половина можам да кажам, еве гордо, дека сите цели кои ги имавме како Влада ги реализиравме. И поради изнудените чекори што мораше да ги правиме, направивме и многу работи кои не ги планиравме дека ќе ги завршиме во овие година и половина, посочи Мицкоски.
Пензиите се зголемуваат, а сиромаштијата се намалува, тврди Мицкоски
Мицкоски изјави дека со владините политики за зголемување на пензиите се намалува стапката на сиромаштија.
– Ставот на Владата е јасен, нашиот чекор што го направивме можеме да го аргументираме, а потврда дека сме направиле добар чекор се и објавите на Државниот завод за статистика кои деновиве излегуваат и се коментираат во јавноста околу лаекенските индикатори, односно нивото на сиромаштија, џини-индексот, нерамномерната распределба на доходот. Тука имаме добра вест, а тоа е дека се намалува стапката на сиромаштија, ако во 2021 година била 23 отсто, сега е 21,9 во 2024, а во 2023 била 22,2 отсто. Џини-индексот, односно нееднаквата распределба на приходите, ако биле 30,3 во 2023, во 2024 е 29,1 и е најдобар во регионот, па и кога ја гледаме нееднаквата распределба на доходот дури е над европскиот просек, истакна Мицкоски.
Мицкоски потенцира дека одлуката на Владата за зголемување на пензиите ќе влијае позитивно врз намалувањето на стапката на сиромаштија со акцент на пензионерите и дополнително намалување на џини индексот.
– И во 2024 година е овој индикатор, зголемувањето прво линеарно од 2.500 денари беше во ноември, што значи дека има мало или незначително влијание во овој параметар, а во 2025 веќе очекувам точно да се види дека нашата одлука за ваков тип на зголемување на пензијата ќе влијае многу позитивно врз намалувањето на стапката на сиромаштија со акцент на пензионерите и со дополнително намалување на џини-индексот, односно нееднаквата распределба на доходите, што за државата ќе значи многу бидејќи светските агенции го ценат кредитниот рејтинг на државата токму и врз основа на вакви параметри, рече претседателот Мицкоски.
Тој додаде и дека Владата останува цврсто на оваа политика која дава резултати.
– Мислам дека таа политика си го даде својот резултат и апсолутно стоиме позади исправноста на тие чекори. Постојат структури кои го предизвикаа Уставниот суд и ќе видиме како тоа ќе заврши, а јас не би сакал да ги коментирам одлуките на Уставниот суд, посочува премиерот Мицкоски.
Во март ново зголемување на платите во здравството и образованието, најави Мицкоски
Мицкоски истакна дека Владата останува цврсто посветена на подобрување на животниот стандард на граѓаните преку континуирано зголемување на платите и инвестиции во клучните сектори – образованието и здравството.
Тој, во интервјуто, премиерот нагласи дека зголемувањето на платите во образованието и здравството се реализира согласно веќе потпишаните четиригодишни договори со репрезентативните синдикати.
-Зголемувањето на платите во здравството и во образованието го правиме како резултат на договорите што веќе ги имаме потпишано со синдикатите, односно со репрезентативните синдикати, и тоа се договори за период од четири години, конкретно во образованието за 2025, 2026 и 2027, во зависност од капацитетот на буџетот, усогласувањето, односно зголемувањето ќе биде меѓу 7,5% и 10%, а во 2028 меѓу 10% и 12,5%, што е четиригодишен договор потпишан со репрезентативните синдикати”, рече Мицкоски.
Тој потсети дека во текот на оваа година зголемување на платите добија и припадниците на Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, што е, како што потенциа, јасен показател за системски пристап кон унапредување на платите во јавниот сектор.
-Слична формула имаме и со репрезентативните синдикати во здравството; ќе потсетам дека оваа година и припадниците на Министерството за внатрешни работи добија зголемување на платите, како и припадниците во Министерството за одбрана, односно во армијата, и така натаму, така што апсолутно се грижиме за стандардот на граѓаните и на вработените во рамките на нашите можности и така ќе продолжиме и во иднина, а го фасилитираме и социјалниот дијалог помеѓу работниците и работодавачите, истакна Мицкоски.







