Манчестер јунајтед го отпушти Рубен Аморим по 14 месеци на чело на тимот, по сериозен судир со клупското раководство околу трансферската политика и неговите јавни изјави по ремито со Лидс, пренесуваат британските медиуми.
Португалскиот тренер заминува по отворена конфронтација со спортскиот директор, откако побара од одделот за регрутација „да си ја заврши работата“, јавно доведувајќи ја во прашање стратегијата на клубот за јануарскиот преоден рок. Аморим првично верувал дека ќе добие засилувања доколку се појави соодветна можност, но подоцна призна дека „нема разговори за промени во составот“.
Неговиот однос со директорот за фудбал, Џејсон Вилкокс, значително се влошил, а по натпреварот со Лидс Аморим порача дека дошол во Манчестер јунајтед „како менаџер, а не само како тренер“, додавајќи дека нема намера сам да си замине, туку ќе остане додека клубот не одлучи поинаку.
Раководството на Јунајтед реагираше брзо. Во клупското соопштение се наведува дека, иако тимот моментално е шести на табелата, одлуката е донесена со цел да се обезбеди „највисок можен пласман до крајот на сезоната“. Од клубот му се заблагодарија на Аморим и му посакаа успех понатаму.
Според информации од клубот, Јунајтед не сакал да одобри играчи кои Аморим ги барал за неговата формација 3-4-3, поради страв дека тие нема да одговараат на евентуалниот следен тренер. Истовремено, раководството инсистира дека хиерархијата во клубот е јасна и дека ниту еден тренер не може да има поголемо влијание од извршниот директор Омар Берада и спортскиот директор Вилкокс.
Аморим беше назначен во ноември 2024 година со договор до 2027 година. Во неговиот мандат, Јунајтед ја забележа најлошата позиција во Премиер лигата – 15. место минатата сезона, со 42 бода, и пораз во финалето на Лига Европа. И покрај нето-инвестиција од околу 165 милиони фунти минатото лето и вкупна потрошувачка од околу 250 милиони фунти за време на неговиот мандат, тимот не успеа да воспостави континуитет.
Оваа сезона започна тешко, со елиминација од Карабао купот од нисколигашот Гримзби, а иако во последните недели имаше подобрување на резултатите, Јунајтед е само четири бода над 14-пласираниот Кристал Палас. Аморим оствари 15 победи во 46 лигашки натпревари.
До назначување нов тренер, тимот ќе го води Дарен Флечер, кој ќе дебитира на клупата во среда против Барнли.
Редакција Фронтлајн





