Викендот во Премиер лигата донесе неколку силни пораки – од тренерски дуели и тактички слабости, до индивидуални проблесоци и тимски кризи.
Челси конечно покажа карактер против Манчестер Сити. Дебитантот Калум Мекфарлејн не дозволи тимот да потоне против Пеп Гвардиола, а голот на Енцо Фернандес во судиското продолжение донесе бод што вреди повеќе од статистика, особено ако се знае дека „сините“ немаат победа над Сити повеќе од четири години.
Ливерпул, пак, повторно ја плати цената за неможноста да ја „затвори“ победата. Иако Флоријан Вирц повторно стрелаше, ремито со Фулам го потврди проблемот што се провлекува цела сезона – кога водат, „црвените“ стануваат ранливи и дозволуваат натпреварите да излезат од контрола.
Арсенал продолжува да победува, иако Виктор Ѓокереш сè уште не ја пронајде вистинската голгетерска форма. Деклан Рајс јавно застана зад напаѓачот, истакнувајќи дека неговата улога во пресингот и тимската игра е клучна за лидерската позиција на „топчиите“.
Во Манчестер Јунајтед, пак, трпението се троши. Бенјамин Шешко повторно разочара и пропушти голема шанса против Лидс, а Рубен Аморим има право да очекува повеќе од напаѓач што дојде со високи очекувања.
Тотенхем имаше проблеми со Енцо Ле Феј, кој со својата креативност внесе хаос во одбраната на Спарс и му помогна на Сандерленд да извлече бод. Французинот очигледно се адаптира на темпото на лигата и станува сè поважен фактор.
Вест Хем доживеа уште еден разочарувачки пораз, а Нуно Еспирито Санто ја пропушти шансата да му даде минути на новото засилување Пабло, во натпревар во кој неговиот тим немаше ниту еден удар во рамките на голот.
Њукасл, пак, доби уште една потврда дека иднината му припаѓа на Луис Мајли. 19-годишникот блесна и надвор од својата природна позиција и повторно покажа зрелост што ретко се гледа кај толку млад играч.
На дното, ситуацијата станува сè поалармантна за Барнли, кој заостанува зад другите новајлии. Додека Сандерленд и Лидс собираат бодови, тимот на Скот Паркер тоне и сè повеќе изгледа како најранлив во битката за опстанок.
Редакција Фронтлајн





