Актерката Еванџелин Лили, позната по улогите во серијата Lost, филмовите The Hobbit и Марвел универзумот, откри дека има оштетување на мозокот по тешка повреда на главата што ја доживеала минатата година.
46-годишната канадска актерка на Инстаграм објави видео во кое соопштува дека неодамнешен преглед на мозокот покажал дека „речиси секој дел од мозокот функционира со намален капацитет“. Повредата се случила во мај, кога Лили се онесвестила на плажа и паднала со лицето врз карпа, при што добила тежок потрес на мозокот.
View this post on Instagram
„Имам оштетување на мозокот како последица на трауматската повреда, а можеби има и други фактори“, изјави таа, додавајќи дека сега ја очекува долг и тежок процес на лекување.
Во описот на објавата, актерката напиша дека иако е тешко да се соочи со ваква дијагноза, ѝ е олеснување што причината за промените не е хормонална, туку јасно медицинска, иако патот кон закрепнување ќе биде долг.
Нејзината колешка од Марвел, Мишел Фајфер, ѝ упати поддршка со порака дека е „борец“ и дека ниту ова нема да ја порази.
По несреќата, Лили јавно сподели фотографии од повредите и детално го опиша настанот, наведувајќи дека со години имала епизоди на губење свест. Лекарите првично се сомневале на ниско ниво на шеќер во крвта, но таа дијагноза подоцна била исклучена.
Лили, која веќе три години е на пауза од актерската кариера, последен пат се појави на филмското платно во 2023 година како Хоуп ван Дајн – Осата, во Ant-Man and the Wasp: Quantumania. Во изјава за Variety минатата година, таа истакна дека моментално не планира враќање во филмската индустрија и дека се посветува на хуманитарна работа и пишување.
Редакција Фронтлајн














































































































