ПР содржина
По месеци работа на нивите, берба, нижење, сушење и подготовка, тутунопроизводителите стигнуваат до еден од најважните моменти во сезоната – откупот. Но, дури и кога тутунот е подготвен и спакуван, постојат ризици што можат да влијаат врз неговата конечна проценка.
Токму затоа СЕКЕ упатува неколку важни препораки до тутунарите.
Прво, внимавајте каде ги оставате кутиите. Просториите во кои се чува тутунот не треба да бидат изложени на мириси од горива, хемиски препарати или добиток. Тутунот не смее да се третира со хемиски средства при пакувањето.
Второ, не мешајте различни класи и берби. Во една кутија треба да има листови од иста берба и иста класа. Во спротивно, предупредуваат од СЕКЕ, целата кутија ќе биде проценета според најниската застапена класа.
Трето, проверете ја содржината пред затворање. Пластика, метал, конци, гума, стакло, остатоци од ракавици, пердуви, цветови, плевел и инсекти немаат место во спакуваниот тутун. Секоја кутија треба внимателно да се провери.
Четврто, контролирајте ја влагата. До 16 проценти влажност нема одбиток. Ако влажноста надмине 16 проценти, а не е повисока од 20 проценти, вишокот се одбива од тежината. Тутунот со повеќе од 20 проценти влага, како и тутунот прскан со вода, не се откупува.
Овие правила се важни бидејќи и навидум мал пропуст во последната фаза од подготовката може да се одрази врз резултатот од повеќемесечниот труд.
Од СЕКЕ потсетуваат дека внимателното ракување и правилното чување на тутунот се неопходни сè до неговото предавање на откупниот пункт.






