Швајцарската полиција соопшти дека се идентификувани телата на сите 40 лица кои загинаа во катастрофалниот пожар што избувна на новогодишната ноќ во бар во рамките на скијачкиот центар Кран-Монтана. Според официјалните информации, жртвите се млади лица на возраст од 14 до 39 години, пренесува Euronews.
Претставник на полицијата во Вале потврди дека се во тек истраги за да се утврди причината за пожарот, во кој загинаа 40 лица, а 119 беа повредени.
Сите 40 лица кои загинаа во пожар во бар во швајцарски скијачки центар на новогодишната ноќ се идентификувани, соопштија властите.
Последните 16 жртви беа идентификувани доцна во неделата, според претставник на полицијата во Вале. Алпската земја оваа недела ќе прогласи национален ден на жалост.
Околу 26 од 40-те жртви кои ги загубија животите беа тинејџери, а најмладите се двајца 14-годишници од Франција и Швајцарија.
Вкупно 21 од жртвите беа швајцарски државјани, седум беа Французи и шест Италијанци.
Една жртва имаше двојно државјанство, швајцарско-француско, додека друга, 15-годишно девојче, имаше француско, британско и израелско државјанство. Останатите жртви беа од Романија, Белгија, Португалија и Турција. Близу 120 лица беа повредени во пожарот во Кран-Монтана, а многумина, според локалните здравствени службеници, се здобиле со тешки изгореници и рани.
Швајцарската влада соопшти дека 35 пациенти биле префрлени од болниците во земјата во специјализирани клиники во Белгија, Франција, Германија и Италија.
Потврдено е дека една од жртвите е и младиот Стивен Ивановски, македонски државјанин.
Пожарот избувна во преполн ноќен бар за време на новогодишната прослава, при што, според досегашните наоди од истрагата, огнот се проширил исклучително брзо. Швајцарските власти претходно соопштија дека како можна причина се разгледува употреба на прскалки поставени на шишиња со шампањ, кои дошле премногу блиску до запаливиот тавански материјал. Официјалната истрага сè уште е во тек.
Трагедијата во Кран-Монтана е оценета како една од најтешките несреќи во Швајцарија во последните децении и предизвика силни реакции и сочувство од јавноста, како и од владите на земјите чии државјани се меѓу загинатите.
Редакција Фронтлајн





