Ник Рајнер, 32-годишниот син на славниот холивудски режисер Роб Рајнер, обвинет за убиството на своите родители, остана без приватен адвокат, откако неговиот правен застапник официјално се повлече од случајот.
На судско рочиште во Лос Анџелес, адвокатот Алан Џексон соопшти дека се повлекува од одбраната, по што предметот привремено ќе го преземе јавен бранител. Поради промената во правниот тим, Рајнер не се изјасни за вината по двете точки од обвинението за првостепено убиство, а ново рочиште е закажано за 23 февруари, пренесува E! Online.
Кратка реакција од семејството
По објавувањето на информацијата за повлекувањето на адвокатот, семејството Рајнер испрати кратка изјава до MS NOW, во која наведува:
„Имаме целосна доверба во правниот процес и нема дополнително да коментираме прашања поврзани со судската постапка.“
Двојно убиство во домот на семејството
Потсетуваме, Роб Рајнер (78) и неговата сопруга Мишел Рајнер (70) беа пронајдени мртви во нивниот дом во Лос Анџелес на 14 декември минатата година. Само шест часа подоцна, полицијата го уапси нивниот син Ник во близина на Универзитет на Јужна Калифорнија, под сомнение дека го извршил злосторството.
Обвинителството на округот Лос Анџелес поднесе обвинение на 16 декември, теретејќи го Ник Рајнер за двојно убиство, со „посебна отежнувачка околност дека лично употребил опасно и смртоносно оружје – нож“.
Хронологија на трагичниот настан
Според повеќе извори, ноќта пред убиствата, на 13 декември, Роб и Ник Рајнер имале жестока расправија на божиќна забава кај телевизискиот водител Конан О’Брајен. Присутните сведочеле дека Ник се однесувал необично и конфликтно.
Следниот ден, на 14 декември околу 15:40 часот, полицијата по дојава пристигнала во семејниот дом во населбата Брентвуд, каде ги пронашла телата на сопружниците. Според истрагата, убиствата биле извршени во раните утрински часови, а како причина за смртта е наведено „повеќекратно прободување со остар предмет“.
Додека траела истрагата, Ник Рајнер бил снимен од надзорни камери околу 21 часот на бензинска станица во близина на кампусот на USC. Неколку минути подоцна, околу 21:15 часот, тој бил уапсен. Полицијата соопшти дека истрагата утврдила оти токму тој е „одговорен за нивната смрт“.
Можна доживотна казна или смртна пресуда
Окружниот обвинител Натан Хохман официјално ги објави обвиненијата на 16 декември, наведувајќи дека на Ник Рајнер му се заканува максимална казна – доживотен затвор без можност за условно ослободување или смртна казна. На првото појавување пред судот, на 17 декември, обвинетиот не се изјасни за вината.





