Комуникацискиот консултант Марјан Забрчанец во емисијата „Стадион“ на Канал 77 истакна дека демократијата не може да функционира без силни, независни и демократски ориентирани медиуми кои обезбедуваат проверени информации и плурализам на ставови. Тој посочи дека овие медиуми се противтежа на пропагандата и манипулациите и затоа заслужуваат поддршка од компании, донатори и влијателни чинители кои сакаат стабилно и европски ориентирано општество, наместо публика лесна за манипулација.
Забрчанец предупреди дека во време кога проруските центри на моќ „се служат со злонамерни манипулации“ и „внесување на конфликти во општеството“, улогата на демократските медиуми станува уште поважна. Според него, овие влијанија ја користат слабоста на институциите и недоволната медиумска писменост за да создадат поделби, да ја поткопаат довербата во ЕУ и во западните партнери и да ја релативизираат агресивната политика на авторитарните режими, што ја прави јавноста особено ранлива доколку нема силни домашни медиуми кои работат во јавен интерес.
Забрчанец потсети дека укинувањето на програмите како УСАИД претставува „голем удар на демократските општества“, особено за секторите што се занимаваат со човекови права и медиуми. Забрчанец нагласи дека отсуството на такви фондови значи дека стотици програми и милиони евра поддршка за медиуми, организации и демократски иницијативи се веќе минато, а замена со ист обем и јасна демократска ориентација сè уште нема, па токму затоа домашната и европската поддршка за демократските медиуми станува уште поитна.
Д. Е.





