Македонскиот долгометражен игран филм „17“, во режија на Косара Митиќ и продукција на Томи Салковски, е селектиран во програмата „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал, беше соопштено денеска во Берлин.
Со оваа селекција, филмот „17“ ќе се натпреварува во програмата наменета за најдобрите дебитантски долгометражни филмови на светско ниво. Во рамки на селекцијата „Перспективи“, македонскиот филм ќе биде оценуван од тричлено интернационално жири, кое ќе одлучи кој од вкупно 14 дебитантски филмови ќе ја добие наградата за најдобар филм во оваа програма.
По повод селекцијата на филмот на Берлинале, утре (21 јануари 2026 година) во Скопје ќе се одржи средба со медиуми, на која ќе присуствуваат режисерката Косара Митиќ, продуцентот Томи Салковски, актерките Ева Костиќ и Мартина Даниловска, како и членови на авторската екипа на филмот. На настанот ќе присуствува и директорот на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Сашко Мицевски. Средбата ќе се одржи во „Лабораториум“, во приземјето на поранешниот Работнички дом, со почеток во 12 часот.
Филмот „17“ ја следи приказната за седумнаесетгодишната Сара, која заминува на училишна екскурзија криејќи тајна за која никој не знае. Кога екскурзијата ќе излезе од контрола и таа ќе стане сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, двете девојки ќе се поврзат засекогаш.
„17“ е во продукција на „Црна Мачка Продукција“, во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар, СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network), како и програмата CineLink Work in Progress на 31. Сараевски филмски фестивал.





