Собранието денеска со 81 глас „за“ и 19 „против“ и воздржани го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка. Со ова, се отвора патот за старт на системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ од 1 февруари. По барање на координаторката на „Европски фронт“, Рина Ајдари, гласањето беше номинално, односно секој пратеник гласаше поединечно.
За Законот беше потребно гласање од двотретинско мнозинство.
Двотретинското мнозинство го овозможи пратеничката група на Левица. Тоа и се очекуваше по неодамнешната лидерска средба свикана од премиерот Христијан Мицкоски, на која учествуваше и лидерот на левица, Димитар Апасиев. По средбата Апасиев изјави дека бил изненаден од „конструктивноста“ на разговорите.
Пратениците на СДСМ, ДУИ и Алијансата беа против Законот за прекршоци бидејќи се сомневаат дека податоците што ќе бидат прибрани од електронските уреди не се заштитени и може да има сериозна злоупотреба. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, пред гласањето рече дека тие се против ваквиот закон затоа што се многу загрижени за безбедноста на податоците.
Законот предвидува зајакнување на безбедноста во сообраќајот преку воведување посебна постапка за прекршоци утврдени со помош на технички средства и уреди за снимање. Брзото и ефикасно санкционирање на прекршителите и изрекување санкции, се очекува да влијае на генерална превенција во областа на безбедноста на сообраќајот.
Со овој Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за прекршоците се предвидува можност за примена на новите технологии (систем за детектирање преку технички средства и уреди за снимање), кои може да бидат добра алатка за брзо и ефикасно детектирање на сообраќајните прекршоци и спроведување на процесот на нивно санкционирање.
Во првата фаза системот ќе регистрира прекршоци како: брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци.
Кога системот ќе биде целосно пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе може да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.







