Тендер коалицијата ВМРО–ЗНАМ на денешната комисиска расправа ги одби сите амандмани поднесени од СДСМ за измените на Кривичниот законик, со што, според опозицијата, се блокира секој обид за враќање на одговорноста за злоупотребите со државните пари.
Потпретседателката на СДСМ и пратеничка Јована Тренчевска на прес-конференција изјави дека мнозинството одбило да се врати членот 353 – злоупотреба на службената положба и овластување, во формата што важеше пред измените од 2023 година.
„Причината е јасна: со сегашните решенија нема одговорност кај најкритичната област – тендерите. Без силен член 353, тендерската коалиција сака слободно да ги дели државните пари на свои фирми, без одговорност. Сега тоа на сите им е јасно“, рече Тренчевска.
Според неа, ВМРО–ЗНАМ одбиле и укинување на рокот од пет години за конфискација на имот стекнат со криминал.
„Зошто имотот украден од граѓаните да не може да се конфискува без разлика кога е стекнат? Правда со рок на траење не е правда“, изјави Тренчевска.
Како што посочи, одбиени се и амандманите со кои СДСМ барал строги и јасни правила за функционирањето на системот „Safe City“, вклучително и обврска дигиталните податоци и снимки да се бришат во рок од 48 часа и пристап до нив да има исклучиво со судски налог.
„Вака останува можноста за злоупотреби, МВР да делува како партиски инструмент за следење, притисок и уцена на граѓаните“, нагласи таа.
Тренчевска информираше дека мнозинството одбило и драстично зголемување на казните за организиран криминал, како и проширување на условите за конфискација, со цел криминалниот имот да не може да се сокрие зад туѓи имиња, параван-фирми и фиктивни сопственици.
„Дури одбија и позасилена кривично-правна заштита на децата од најтешките форми на експлоатација“, рече Тренчевска.
Според СДСМ, ваквите одлуки се уште еден доказ за, како што велат, системски грабеж на државните пари преку криминални тендери и обид за бегство од одговорност.
„Се случува грабеж на државните пари преку криминални тендери, правда нема, има обид за спас од одговорност. Нашата порака е јасна – одговорност за криминал ќе има, кога-тогаш. Никој нема да се спаси, сите ќе одговарате“, порача Тренчевска.








































































































