Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека неговата улога на вчерашната седница на Владата на Србија била да го пренесе мислењето на граѓаните, кои, како што рече, не разбираат зошто поединечни министри патуваат на светски дестинации додека земјата се соочува со сериозни проблеми поради невремето.
„Не бев злонамерен, ја поддржувам Владата. Имам право на тоа. Мојот легитимитет е поголем од владиниот поради бројот на гласови на изборите. Барав борбеност и храброст да преземаат одговорност“, изјави Вучиќ во интервју за ТВ Блиц.
Тој додаде дека неговата идеја била поврзана со Генералштабот и дека за тоа презема целосна одговорност.
„Јас сум автор и не се срамам од својата одговорност. Таму сè беше чисто, ниту еден динар не поминал“, рече Вучиќ, обвинувајќи ги политичките противници дека „им е важно само нешто да срушат, бидејќи немаат идеи“.
Вучиќ изјави и дека обвинителството „гони луѓе кои ништо не направиле“ и дека очекува да биде подигнато обвинение и против него.
„Го чекам тоа, едвај чекам. Затоа и е покрената постапката“, рече тој, додавајќи дека лично побарал што побрзо донесување на лекс специјалис.
На прашањето дали министрите го разбрале неговиот настап, Вучиќ одговори дека е тешко да се најде границата „кога можеби сте претерале“.
„Им ја кажав вистината – да почнат да ги решаваат проблемите“, истакна тој.
Рускиот удел во НИС вреди до една милијарда евра
Вучиќ изјави дека рускиот удел во Нафтената индустрија на Србија (НИС), кој го купува унгарската компанија МОЛ, вреди меѓу 900 милиони и една милијарда евра.
Тој нагласи дека Србија била подготвена да плати значително повеќе.
„Ние подготвивме пари – две милијарди евра да платиме. Дури и повеќе од тоа“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека му е јасно зошто рускиот удел во НИС не ѝ бил понуден на Србија, но не сакал јавно да ги изнесе причините, бидејќи, како што рече, тоа би можело да ги загрози државните интереси.
„Тие причини ми се јасни, недвосмислени и разбирливи, но дали се прифатливи – тоа е друго прашање“, истакна тој.
Вучиќ додаде дека уште порано му било јасно дека тој удел нема да биде понуден на Србија.
Односите со Русија „добри“, стратешки дијалог со САД
Говорејќи за односите со Русија, Вучиќ оцени дека тие се „добри“.
Тој најави и дека постојат два барања од Вашингтон за воспоставување стратешки дијалог со САД – едното поврзано со енергетиката, а другото од политичка природа.
„Едно барање е секако поврзано со енергетиката, а другото е повеќе политичко“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека за тоа прашање не се разговарало на вчерашната седница на Владата, но дека ќе биде тема во наредните денови, „штом сè биде подготвено“.
Вучиќ потсети дека уште во средината на минатата година најавил скор почеток на стратешки дијалог меѓу Србија и САД.







