Проф. д-р Оливер Андонов денеска ја коментираше анализата на јавното мислење за пристапување во Европската Унија (2014 – 2025) на ИДСЦ на промотивниот настан што се одржа во Собранието на РСМ. Според резултатите од истражувањето, поддршката за членство во ЕУ во земјава скокнала на 71%.
Тоа, според Андонов, е позитивен и охрабрувачки податок. „Тоа е добра вест за општеството“, рече тој, но потоа изнесе и неколку критички забелешки во поглед на методологијата и тоа како се претставени резултатите во истражувањето, посочувајќи дека е важно внимателно да се чита што овој податок значи, а што не значи.
„Растот на поддршката не ја поништува потребата од критичка анализа на рамката. Напротив, тој отвора дополнително прашање: Дали јавната поддршка расте поради политички резултати, или и покрај нив? Во исто време, евроскептицизмот се зголемува, а значаен дел од граѓаните и понатаму сметаат дека државата не е подготвена за членство. Ова укажува на сложена слика што не може да се сведе на едноставен наратив за ‘успех’“ – рече Андонов.
Тој забележува дека во анализата „надворешните фактори и натаму јасно се именуваат“, но и дека „домашниот политички учинок — реформите, владеењето на правото, институционалната кредибилност — и понатаму не се третираат како централна објаснувачка променлива.
„Да не ја читаме зголемената поддршка како автоматска потврда на политиките, туку како показател на континуираната проевропска ориентација на граѓаните, која опстојува и покрај застојот во резултатите.
Кредибилитетот на пристапниот процес не се мери само со анкети, туку се гради или се губи преку реални политички и институционални резултати“, предупреди Андонов, инаку професор на Воената академија.
Понатаму, во дискусијата, тој истакна дека луѓето, наспротив високата поддршка за членство во ЕУ, сепак, не веруваат дека тоа ќе се случи во наредните десет години. Причината за тоа тој ја гледа во неуспехот на владата да ја врати земјата на европскиот колосек и да ги исполни задачите преземени за тој процес да се забрза, а тоа се уставните измени, односно внесувањето на бугарската заедница во Уставот.
„Главен поттикнувач на евроскептицизмот е Владата“, заклучи проф. Андонов.
Осврт на резултатите од спроведеното истражување на јавното мислење дадоа и Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во Република Северна Македонија, Антониjо Милошоски, потпретседател на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања и Венко Филипче, претседател на Националниот совет за евроинтеграции. Завршно обраќање на настанот имаше од амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер.
ЦИВИЛ МЕДИА




