Општина Центар започна со подготвителни работи за партерно и хортикултурно уредување на потегот во Градски Ѕид, од Зелено пазарче до улицата „Македонија“, информираа од општината.
Проектот опфаќа отстранување на дотраеното детско игралиште зад објектот „Краш“, на чие место ќе биде изграден нов, проширен простор за детска игра со современи реквизити и соодветна подлога. Во непосредна близина е планирано и поставување модерна фитнес зона со справи за вежбање и рекреација.
„Модернизацијата и уредувањето на овој простор беа дел од мојата програма. По барање на жителите, овој потег го уредуваме за да биде достоен за урбаното јадро и за нивните секојдневни потреби“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Како што соопштуваат од општината, на целиот потег ќе се изврши целосно поплочување, при што ќе бидат отстранети дотраените и искршени плочи и ќе се постават нови рабници и корпи за отпад. Предвидена е и изведба на хидроизолација над подземните гаражи, со цел трајно решавање на проблемот со протекување.
Проектот вклучува и темелно хортикултурно уредување, поставување нови клупи, светилки и уредени пешачки патеки, со што просторот ќе добие функција на мини урбан парк.
Од Општина Центар посочуваат дека станува збор за исклучително фреквентен дел од општината и дека уредувањето ќе има директно позитивно влијание врз секојдневието на илјадници граѓани, создавајќи зелена и функционална зона што ќе ги поврзува пазарскиот, деловниот и станбениот дел на Центар.





