Комисијата за култура на СДСМ остро реагира на изјавите на министерот за култура Зоран Љутков, дадени во емисијата „Трилинг“, оценувајќи ги како „целосна лага, свесна манипулација и класично бегање од одговорност“ за состојбите со заштитените подрачја околу Охридското Езеро.
„Наместо да одговори на сериозните прашања за урбанистичкиот хаос и за уништувањето на заштитените подрачја околу Охридското Езеро, министерот демонстрира ароганција, незнаење и политичка сервилност“, се наведува во реакцијата на Комисијата за култура на СДСМ, објавена на социјалните мрежи.
Оттаму особено го оценуваат како скандалозно тврдењето на Љутков дека „за Министерството сè е завршено“, што, според СДСМ, претставува јавно признание дека државата се откажала од заштитата на Охрид.
„И покрај јасните ревизорски извештаи, предупредувањата од УНЕСКО и очигледните незаконски градби, Управата за заштита на културното наследство и Министерството за култура не постапуваат. Закони има, но тие важат само за граѓаните, а не и за блиските до ДПМНЕ“, реагира Комисијата.
СДСМ оценува дека министерот Љутков не ја разбира ниту сопствената улога како претседател на Националната комисија на УНЕСКО.
„Тоа не е протоколарна функција за сликање и празни фрази, туку позиција што подразбира активна комуникација, иницијативи, алармирање и конкретни мерки за заштита на светското културно и природно наследство“, се наведува во соопштението.
Според Комисијата, наместо да ги користи механизмите што му стојат на располагање, министерот избрал молк и повлекување, што го оценуваат како „директно предавство на јавниот интерес и на меѓународните обврски на државата“.
Во реакцијата се критикува и односот на министерот кон Колективниот договор во културата.
„Од една страна, Љутков јавно го фали Колективниот договор и се претставува како заштитник на културните работници, а од друга страна, Министерството не го почитува. Обврските не се спроведуваат, правата на вработените се газат, а институциите се оставени во правен и финансиски хаос“, наведува СДСМ.
Комисијата за култура на СДСМ оценува дека Љутков покажува контрадикторно и лицемерно однесување и во однос на Преспанскиот договор.
„Љутков го напаѓа Преспанскиот договор, додека неговиот лидер и премиер Христијан Мицкоски јавно го фалеше како совршено решение во дадените околности. Ова не е политика, ова е политичка амнезија и лицемерие“, се наведува во соопштението.
СДСМ порачува дека уништувањето на Охрид и заштитата на партиски и бизнис-интереси не може да се оправдаат со патриотизам.
„Уништувањето на Охрид, лажењето на јавноста и заштитата на партиски и бизнис-интереси не се патриотизам, туку криминално неодговорно однесување“, наведува Комисијата.
Во заклучокот, од СДСМ оценуваат дека Владата „нема кредибилитет, капацитет и морална вертикала“, а му порачуваат на министерот Љутков дека со секое ново интервју, како што велат, „не ја брани Владата, туку дополнително ја разобличува“.





