Актерката Сидни Свини изјави дека нејзината нова линија долна облека „Syrn“ не е наменета „за мажи“, туку е обид жените да го преземат сопствениот наратив и односот кон своето тело.
Во интервју за магазинот „Cosmopolitan“, објавено неколку дена по лансирањето на брендот, Свини истакна дека проектот е личен и емотивен. „Ова е начин да го вратам сопствениот наратив и да ги охрабрам и другите жени да го направат истото“, изјави актерката.
Таа нагласи дека често се соочува со коментари дека ваквите проекти се прават „за машки поглед“, но дека целта е сосема поинаква. „Што е повеќе ‘girl’s girl’ од тоа да го поседуваш своето тело и да го правиш тоа за себе?“, рече Свини, додавајќи дека изборот секогаш треба да му припаѓа на оној што ја носи облеката.
Свини објасни дека линијата „Syrn“ е замислена како простор во кој жените можат сами да одлучат дали нешто го носат за себе, за некој друг или едноставно како израз на самодоверба. „Сакам да им покажам на жените дека можеме да ја вратиме моќта и целосно да се ослободиме“, истакна таа.
Во интервјуто актерката зборува и за сопственото искуство со телесните промени уште од рана возраст и за потребата од долна облека што навистина им одговара на жените. Според неа, „Syrn“ нуди широк распон на големини, со цел повеќе жени да се чувствуваат удобно и прифатено.
Лансирањето на брендот предизвика големо медиумско внимание, но Свини порачува дека зад визуелниот впечаток стои порака за самодоверба, избор и контрола врз сопственото тело.
Редакција Фронтлајн















































































































