Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска (1 февруари 2026) изврши посета на компјутерскиот центар на проектот „Безбеден град“ во СВР Скопје, каде што официјално започна имплементацијата на системот за автоматска евиденција на сообраќајни прекршоци преку паметни камери, соопштуваат од МВР.
Тошковски истакна дека проектот се одвива според планираните параметри и дека граѓаните во голем број ги почитуваат сообраќајните правила, што веќе дава конкретни резултати.
„Денес сме први февруари, некаде околу 20 часот. Имаме значително намалување на бројката на сообраќајни прекршоци во споредба со периодот пред два месеци, кога започнавме со тест фазата. Во моментов се евидентирани околу 500 сообраќајни прекршоци, што е огромен пад во однос на претходните над 120.000“, изјави Тошковски.
Министерот нагласи дека ваквите резултати се директна заслуга на совесните учесници во сообраќајот.
„Вие сте тие што овозможивте драстично да се намали бројката на прекршоци за само два месеци. Вие сте тие што го намаливте бројот на повредени лица во сообраќајни незгоди за околу 35 проценти на територијата на СВР Скопје и бројот на смртни случаи од 11 на 4“, потенцираше тој.
Според Тошковски, официјалното пуштање во употреба на проектот „Безбеден град“ покажува дека европските стандарди и вредности можат да се применат и во Македонија, доколку постои јасна волја и поинаков пристап во работењето.
На крајот, министерот уште еднаш им упати честитки на граѓаните за одговорното однесување во сообраќајот, изразувајќи уверување дека ваквиот пристап ќе придонесе за побезбедни улици и повисок квалитет на живот.







