Во рамки на проектот „Филмски дијалози на младите – BFF Македонија“, во првата недела од февруари ќе се одржат децентрализирани филмски проекции и јавни дебати во Охрид, Ресен и Битола, со цел збогатување на локалната културна понуда и поттикнување критичка дискусија кај младите преку филмската уметност.
Настаните се организираат во средини со ограничена културна понуда, со што на младите им се овозможува пристап до квалитетна филмска содржина и простор за разговор, анализа и размена на ставови.
Според најавата, распоредот на настаните е следниот: во Охрид, на 3 февруари, проекцијата ќе се одржи во Младинскиот центар со почеток во 13 часот; во Ресен, на 4 и 5 февруари, настаните ќе се одржат во СОУ „Цар Самоил“ со почеток во 13 часот; додека во Битола, проекциите и дебатите ќе се одржат на 6 и 7 февруари во Центарот за култура, со почеток во 12 часот.
Во рамки на програмата ќе биде прикажан краток филм во времетраење од 20 минути, по што ќе следи јавна дискусија со учесниците. Разговорите ќе бидат посветени на тематиките на филмот, ликовите, наративниот пристап и поширокото значење на филмската уметност, со цел поттикнување активно гледање и развој на критичка мисла кај младите.
Проектот „Филмски дијалози на младите – BFF Македонија“ се реализира со поддршка на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд.
Настаните се отворени за млади учесници, љубители на филмот и пошироката јавност.







































































































